Трагично заврши потрагата по исчезнатиот Виктор Илиоски од Прилеп

Роднини, блиски и пријатели на социјалните мрежи се збогуваат од Виктор Илиоски (39) од Прилеп, кој исчезна во саботата попладне, откако потрагата заврши со трагичен крај.

„Почина син ми“, со овие зборови Роза Илиоска ја сподели најтешката вест – дека трагично завршила потрагата по нејзиниот син, прилепчанецот Виктор Илиоски.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека на 16 февруари 2026 година во 16:00 часот во СВР Битола било пријавено дека во кругот на Градската општа болница-Прилеп е пронајден В.И. (39) од Прилеп без знаци на живот.

Од Итната медицинска помош била констатирана смрт, а за настанот бил известен јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено на обдукција. Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Неговата последна објава на социјалната мрежа Фејсбук е од 23 ти јануари и во истата над фотографијата пишува:

“Кога не се чуствуваш баш добро, а мора…”

Неговиот татко денеска во изјава за медиумите рече дека Виктор бил зависник и последните месеци бил под терапија, се лекувал и немале никакви проблеми.

Потрагата започна откако на 15 февруари во 16:15 часот во ОВР Прилеп, Д.И. (69) од Прилеп пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син. Семејството претходно упати јавен апел за помош, наведувајќи дека му се губи секаква трага од претходниот ден околу 14 часот, кога последен пат бил виден.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на истрагата и обдукцијата.

Back to top button
Close