Трагите од канабис во бонбони на „Харибо“ не се поврзани со производството, соопшти компанијата
Траги од канабис, откриени во пакувања бонбони на компанијата „Харибо“ во Холандија, не потекнуваат од производствениот процес, соопшти производителот на слатки, повикувајќи се на резултати од независна лабораторија, јави ДПА.
Кон крајот на мај, „Харибо“ повлече одредени пакувања слатки од пазарите во Холандија, Белгија и Луксембург, откако беа откриени траги од канабис во неколку од нив.
Холандската агенција за безбедност на храна и производи за потрошувачи потврди дека три пакувања од по еден килограм од производот „Хепи Кола Физ“ (Happy Cola F!ZZ) биле загадени.
„Истражувањето на ‘Харибо’ и анализите на независна лабораторија покажаа дека канабисот не е внесен во производот за време на производствениот процес“, соопшти компанијата.
„Задоволни сме што можеме да потврдиме дека резултатите се негативни и нема докази за контаминација. Нашите внатрешни истраги, исто така, не покажаа неправилности во производството“, изјави портпарол на „Харибо“.
Компанијата продолжува тесно да соработува со властите за да се утврди како канабисот воопшто можел да се најде во слатките.
Холандската агенција предупреди дека консумацијата на загадените бонбони може да предизвика здравствени проблеми, вклучително и вртоглавица. Неколку лица, меѓу кои и деца, се пожалиле на здравствени тегоби. Две деца беа хоспитализирани, од кои едното беше во кома одредено време.