Трамп ја доби нововоспоставената Награда за мир на ФИФА на ждрепката за Светското првенство

Американскиот претседател Доналд Трамп ја доби новооснованата Награда за мир на Светската федерација по фудбал (ФИФА) за време на церемонијата на извлекување на ждрепката за групната фаза на 23-тото Светско првенство во фудбал, кое ќе се одржи следната година. Наградата се доделува по првпат и е наменета за исклучителни достигнувања во напорите за мир и единство.

Признанието му беше доделено на шефот на американската држава од страна на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во културниот центар „Кенеди“ во американската престолнина Вашингтон.

САД е домаќин на Светското првенство заедно со Мексико и Канада. На ждрепката присуствуваа претседателката на Мексико, Клаудија Шеинбаум, и премиерот на Канада, Марк Карни.

Трамп изјави дека по церемонијата ќе се сретне со нив.

Покрај статуетката, која претставува раце што држат глобус, американскиот претседател доби и медал. – Можете да го носите секогаш, рече Инфантино. – Ќе го ставам уште сега, изјави Трамп и го стави околу вратот. – Исклучително, фантастично, беа неговите први зборови.

– Вие докажавте дека вашата мисија е да придонесувате за мирот. Бев во Појасот Газа, во Малезија, во Руанда, сум ги видел очите на мајките кои страдаат за своите деца, рече Инфантино.

– Мислам дека може да се додаде и Конго, изјави Трамп, кој се заблагодари за поддршката на првата дама Меланија. – Тоа што лидерите на Мексико и Канада се тука докажува дека сме професионалци и заедно можеме да постигнеме многу. САД пред една година не се справуваа многу добро. Но сега светот е едно посигурно место, изјави американскиот претседател.

Церемонијата беше отворена со изведба на италијанскиот пејач Андреа Бочели, а потоа заедно пееја Американката Никол Шерцингер и Британецот Роби Вилијамс.

Трамп учествуваше во самото извлекување на ждрепката, заедно со Шеинбаум и Карни.

Back to top button
Close