Трамп ја спасува Украина
Никој не обрна особено внимание на зборовите на Хенри Кисинџер кога, во контекстот на украинската војна, предупреди на една опасност. Имено, дека во односите меѓу големите нуклеарни сили „демократија против автократија“, тој конфронтирачки елемент не смее да стане базичниот елемент. Токму таа политика која почна со Клинтон, па беше следена од Буш и Обама и доживеа своја кулминација со претседатело Бајден стана Големата стратегија на американската надворешна политика.
Зад демократската идеологија стоеше битката за поголема моќ, за доминација. Логиката беше дека Америка е толку силна што може да и наметне на Русија членство на Украина во НАТО и да ја претвори државата во свој плацдарм. Заборавете на идеологијата и гледајте на големите сили како на црни кутии кои се во борба за зголемена моќ, производ на анархичната структура на меѓународното општество во кое отсуствува централна власт на која може државата да се обрати ако е загрозена. Таа анархична структура, вели Џон Мершајмер, не ретко, ја произведува „трагедијата на големите сили“: од перманентна борба за моќ и влијание, до светска војна. Светот беше на добар пат да му се случи нуклеарна катастрофа во директен судир меѓу двете најголеми нуклеарни сили, Америка и Русија.
Не сум фан на политиките на Доналд Трамп, но по прашањето за војна или мир избирам мир. Описите за нуклеарен судир на две, до заби вооружени со ракети нуклеарни сили, во кои човештвото би било уништено за само два часа, ме одвраќаат од секакви фантазии за нуклеарна победа. Очигледно е дека ова сценарио е неприфатливо и за Американците и за нивниот нов претседател Трамп. Толку критикуваната од сите нас „трансакциска политика“ на новиот американски претседател ни се најде во неволјата во која е светот. Како бизнисмен, Трамп не размислува во категории „демократија против автократија“ туку повеќе согласно онаа максима дека никој никогаш не го убива муштеријата. А за него, цел свет е потенцијален муштерија. Мислам дека сите негови потези визави Русија се добро промислени и од разговори со Птутин. Она што Украина и ЕУ му префрлаат на американскиот претседател дека е лош преговарач кој „дал се“ уште пред да почнат преговорите, е, всушност, обмислен потез. Имено, тој знае дека без исполнување на руските барања за меѓународно признавање на териториите освоени од Укранина за руски, за неутралност на Украина и за нејзино разоружување, нема ништо од мирот. Згора на тоа, Трамп ја призна вината на својата држава за почетокот на војната со инсистирањето Украина да стане членка на НАТО. Оттаму, ако тргнеше во класични преговори, ќе завршеше со неуспех зашто ќе мораше да капитулира на преговарачката маса или да ја продолжи војната. Вака, сето ова го прави „од своја добра волја“, а не под закана на Русија.
Потпишете прекин на огнот и земете го ова што можете да го земете како мир оти ние ќе се повлечеме , му порачува Трамп на Зеленски. Истото ќе им го каже и на европејците кои се престрашени од можноста од тотално повлекување на Америка од Европа. Пораката до, колку вчера, сојузничките страни е дека во никаков случај Америка нема да влезе во нуклеарна војна со Русија. Помислете само. Тоа Трамп, ниту било кој друг американски претседател, не би го сторил дури и во случај Русија да ја окупира цела Украина. Потпретседателот Венс неодамна изјави дека не му е грижа за судбината на Украина, каква и да била таа. И пред да се скандализираме од морална точка на гледање да се прашаме: Дали е во ИНТЕРЕС на Америка да учествува во самоубиствена војна со Русија за Украина?
Секако не.
Не беше така ниту кога Бајден и Борис Џонсон инсистираа Зеленски да не потпише мир и да ја продолжи војната, но никој тоа не му го кажа отворено како што сега го прави Трамп.
Тој дел од загатката, дека Америка, па ни било која европска држава, нема да влезе во нуклеарна војна заради Украни, Зеленски мораше да го реши сам. Згреши, и сега последиците по украинската држава се ужасно трагични. За личната негова драма и да не зборуваме: на крајот од наметнатиот од Трамп мир, Зеленски ќе мора да потпише губење територии, неутралност на Украина и нејзино разоружување. И да се соочи со гневот на украинскиот народ.
Само да знаеме дека уште ништо не е готово. Искуството од „југословенските“ преговори за мир ми вели дека тенденција тие опасно да се искомплицираат е секогаш присутна.
Денко Малески