Трамп до НАТО и Јапонија: Сами чувајте си ги танкерите во Ормуз или платете ни

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики до земјите-членки на НАТО и Јапонија, обвинувајќи ги за пасивност во обезбедувањето на еден од најкритичните морски патишта во светот – Ормушкиот Теснец. Според Трамп, додека американската морнарица гарантира безбеден премин за енергенсите од кои зависи цела Европа и Азија, сојузниците одбиваат финансиски и воено да придонесат.
„Зошто ние ги штитиме нивните бродови?“
Трамп нагласи дека најголемиот дел од нафтата што минува низ теснецот не завршува во САД, туку во Кина, Јапонија и европските држави, што ја прави американската заштита на овој регион нелогична од економски аспект.
„НАТО воопшто не помага, иако тие целосно зависат од Ормушкиот Теснец. Јапонија, исто така, не не поддржува во ова. Зошто САД со децении ги штитат бродските патишта за други земји без притоа да добијат никаков надомест? Тоа мора да престане,“ изјави Трамп.
Притисок за редефинирање на сојузништвата
Претседателот ја повтори својата теза дека Америка веќе нема да биде „светски полицаец“ без соодветна партиципација од партнерите. Тој сугерираше дека земјите кои имаат директна корист од стабилноста во Персискиот Залив треба самите да ги штитат своите танкери или да му платат на Вашингтон за таа услуга.
„Ние веќе не зависиме од таа нафта, ние сме енергетски независни. Ако Кина, Јапонија и Европа сакаат нивните бродови да бидат безбедни, време е да ги испратат своите морнарици или да ја платат сметката,“ додаде тој.
Оваа реторика на Трамп најавува нови тензии во односите со НАТО и дополнителен притисок врз Токио за зголемување на воениот буџет и присуство надвор од нивните територијални води.






