Трамп е божји ангел?!
Мерсел Биљали
Европејците смислија религиозен фазон за Трамп. Дека тој е голем ангел Божји, бидејќи штом ќе ја отвори устата – целиот свет му се моли на Бога!

MAGA, Европа повторно може да ја направи голема, ама во хаосот! Односите меѓу САД и ЕУ сега се многу посложни отколку што мислиме. Пред некој ден, висок функционер на Стејт департментот изјави: „Кога овие земји ја носат капата на НАТО, со гордост тврдат дека трансатлантската соработка е основа на нашата заедничка безбедност. Но, кога ја носат капата на ЕУ, не им е гајле за интересите и безбедноста на САД. Не сакаме сојузници по потреба!“ Јасен доказ дека бројни политичари или воопшто немаат лице или имаат повеќе од две. Ним не можеш ништо да им кажеш во лице. Таквите не се за да решаваат проблеми, туку за создавање проблеми во кое било решение. Познавачи велат дека ова е прв пат САД на овој начин силно да ја напаѓаат ЕУ структурата и да повикаат на враќање на државниот суверенитет. Тука и НАТО е на нишан.
Медиумот „Политико“ анализира дека таквата политика би можело да доведе до повлекување на дел од американските трупи од Европа и пренасочување кон Индо-Пацификот. Бројка од 800 американски војници веќе се повлекува од Романија! Новата стратегија на Трамп, усвоена недамно содржи досега најкритични пораки до Европа особено за миграцијата, либерлната демократија, цивилизациските вредности, и иднината на ЕУ и НАТО. Со логиката на пештерска дивергенција се напаѓа структура која стаса до втора економска сила во светот, наводно дека истата таа структура не е способна да го контролира ниту својот свет.
На Трамп не му пречат автократите!
Според неодамнешна Стратегија на Трмап, автократите и деспотите нема да имаат никаков притисок од САД, сè додека работат заедно. Имено, администрацијата на Реган беше исто така подготвена да работи со непријатни режими, но кон идеолошка и длабоко неопходна цел: победа над комунизмот. А сега крајната цел на администрацијата на Трамп е трансакциските интереси на САД. Во секој случај, Трамп посакува крајно десничарските партии во Европа кои се блиски до MAGA – „Reform UK“, „Alternative for Germany“ и „France’s National Relief“, да постигнат напредок на сметка на центристичкиот естаблишмент кој сега е на власт. Трамп ќе им помогне на радикалите за да заземат поцврст став, особено кон миграцијата. ЕУ ќе мора тогаш да разбере дека опасно е да се биде во право кога лошата власт е во грешка. Американската власт силно ја критикува Европа за „губењето“ на својот „оригинален“ европски карактер. Новите слогани треба да го поттикнуваат стравот од имигрантите, а и да ја идеализираат Европа од стариот свет. Имено, делови од Стратегијата беа веќе слушнати во говорот на потпретседателот Џ.Д. Венс во Минхен. Ваквите новоразбудени референци ќе мора да ја (ре)програмираат демократијата во Европа, мислат авторитетите на Стратегијата.
„Новата стратегија“ е потсмевачки кон Европа. Деновите кога САД го потпираа целиот светски поредок како Атлас веќе се завршени. Европските сојузници ќе мора да ја преземат главната одговорност барем за своите региони и да придонесат многу повеќе за колективна одбрана. Но, тоа не е лесно во услови кога Европа се соочува со „културен пад! Европските радикали ќе ја поткопаат политичката слобода и, во комбинација со лошите миграциски политики, ќе го трансформираат континентот во конфликтна средина. Башка цензурата и ограничување на слободата на говорот, ќе резултираат со тешки социјални судири. На патриотите ќе им требаат многу лопати за да ја закопаат вистината.
Во делот на Стратегијата за Блискиот Исток, регионалните монарси со големо задоволство ќе го прочитаат следново во Стратегијата: „САД ќе го откажат погрешниот експеримент на САД со наведување на овие нации – особено монархиите од Заливот – да ги напуштат своите традиции и историски форми на владеење. Администрацијата, одлучи дека посветеноста на демократските реформи не е на нејзината листа на приоритети“. Тоа е убаво да се има, ама не е визија за создавање помирен свет. За Латинска Америка, стратегијата вели дека САД ќе „ги наградат и охрабрат владите, политичките партии и движењата во регионот кои се во голема мера усогласени со нашите принципи и стратегија“, ама потоа следува едно огромно „НО“! „Но, не смееме да ги занемариме владите со различни погледи со кои сепак споделуваме важни економски интереси“. Делот за Африка вели: „Премногу долго, американската политика во Африка се фокусираше на безбедност, а подоцна и на ширење на либерална идеологија“. Сегашната порака е дека апсолутен приоритет треба да имат економските интереси.
Но, Стратегија ја вознемири Кина! Имено, Кина нема да биде многу воодушевена со новата Монрова доктрина, со соодветниот повик таа земја да ја напушти Латинска Америка. Во Стратегијата се вели: „САД мора да бидат водечка сила во Западната хемисфера како услов за нашата безбедност и просперитет. И дека нивните односи треба да се темелат во намалувањето на непријателтвата, контрола на воени инсталации, пристаништа и клучна инфраструктура, па сè до купување на стратешки средства во поширока смисла. Тука фокусот е на Панамскиот канал, каде што Кина сè уште управува со некои дејности. Како компензација, САД ќе го почитуваат локалниот национален суверенитет и нема да спомнуваат „демократски реформи“, ниту за локалната држава, ниту за Пекинг, Москва, Техеран, Пјонгјанг итн. Инаку, Трамп мисли дека погрешно била политиката за отворање американски бизниси во Кина, дека со тоа Кина би влегла во „меѓународен поредок базиран на правила“. Но, тоа не се случи. Кина, за жал, не возврати на добрата волја на САД, а Вашингтон ја научи „лекцијата“!
Запирањето на регионалните конфликти пред тие да се претворат во глобални војни е достојно за вниманието на американската администрација. Претседателот Трамп користи неконвенционална дипломатија. Светот напредува само кога е во мир и треба да работина тоа. „Губењето на глобалниот мир нема да ја направи Америка на прво место, напротив ќе ја направи слаба“ – вели Емили Хардинг, директорка на Програмата за разузнавање, и потпретседателка на Одделот за одбрана и безбедност во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Стратегијата преферира екстремна десница!
Поранешниот шведски премиер Карл Билд велие дека документот за Стратегија „се позиционира дури десно од екстремната десница“. Реакциите од бројни европски политичари најчесто беа насочени кон намалување на важноста на документот. А Трамп тврди дека некои европски земји со таков ум ќе бидат „непрепознатливи за 20 години или помалку“. А портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, го поздрави документот, велејќи дека тој е „во голема мера во согласност со нашата визија“! Веб-страница „Политико“, во сопственост на германската медиумска компанија „Аксел-Шпрингер“, во анализа насловена „Внимавај Европо, Трамп доаѓа да ти ги земе изборите“, потенцира дека САД работат за екстремна десница да победи во Велика Британија, Франција и Германија, со што целата Европа ќе заврши во пеколот. Во текстот од Лондон се вели дека американскиот претседател „започнал крстоносна војна за да ја сврти европската политика во своја корист, мобилизирајќи ја целата сила на американската дипломатија за промовирање на екстремно-десни партии.
Западен Балкан на нишан!
Секоја кредибилна анализа вели дека Балканот нема перспектива ако дел од регионот остане надвор од НАТО и ЕУ. Интеграцијата е од големо значење за мирот, економијата и демократијата во регионот. Бројни експерти мислат дека слоганот „Америка на прво место“, ќе повлече и други потези што ќе ја шокираат Европа. А земјите од Западен Балкан во новата стратегија се појавуваат само маргинално, и тоа Косово и Србија како личен ангажман на Трамп пред шест години. Тоа се споменува во поглавјето за „принципи“, како еден од успесите на претседателот Трамп во постигнувањето мир меѓу Косово и Србија. Но, не се спомнува Дејтонскиот мировен договор кој е еден од најголемите успеси на САД во надворешната политика во модерната историја!
Даниел Фрид е на мислење дека при ваква штетна американска политика, „Кина ќе се обиде да купи инфраструктура во клучни центри за да добие контрола врз повеќе сектори од светската економија. Русија ќе се обиде да користи некои земји како агенти за да ги искористи нивните слабости и да создаде хаос каде што може. Во секој случај, обете земји ќе го гледаат Балканот како терен за остварување на нивните пошироки амбиции“, вели Фрид.
А ние како дел од Балканот веќе 35 години во право време правиме погрешни потези, и продолжуваме со тао упорно докажуваме дека глупото е паметно, дека во лагата е вистината, дека во крадењето е напредокот, дека во неработата е развојот! Да не мислевме така, одамно ќе направивме богата европска држава во Балканот, наместо сегашната сиромашна балканска држава во Европа.






