Трамп ќе прими претставници на криптосекторот во Белата куќа во пресрет на новите регулативи

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Белата куќа ќе прими раководители од криптосекторот, во период кога американските финансиски регулатори преземаат нови чекори кон воспоставување регулаторна рамка за одредени дигитални средства.

Според официјалниот распоред на претседателот, Трамп подоцна денеска треба да даде изјава заедно со претставници на технолошкиот сектор.

„Семафор“ објави дека на состанокот ќе присуствуваат претставници на криптосекторот. Првично се очекуваше да учествуваат и претставници на пазарите за прогнози, но тие подоцна беа отстранети од програмата, според претставник на Белата куќа на кој се повикува медиумот.

Се очекува меѓу учесниците да бидат претседателот на Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC), Мајк Селиг, претседателот на Комисијата за хартии од вредност (SEC), Пол Аткинс, и советникот за криптовалути Патрик Вит. Поканети се и претставници на трговски организации и компании, меѓу коишто се „Коинбејс“ (Coinbase), „Рипл“ (Ripple), „Андресен Хоровиц“ (Andreessen Horowitz) и „Насдак“ (Nasdaq), наведува „Семафор“.

Трамп води политика наклонета кон криптосекторот откако во јануари 2025 година повторно ја презеде функцијата претседател, вклучително и преку двете регулаторни комисии. Сепак, поширокото законодавство за регулирање на криптоактивите и натаму е блокирано во Конгресот.

Комисијата за хартии од вредност вчера предложи долгоочекувани правила со коишто се предвидува одредени понуди на токени да бидат ослободени од дел од барањата што се применуваат за хартии од вредност. Промените би им го олесниле на криптокомпаниите издавањето токени и прибирањето капитал.

Комисијата за тргување со стоковни фјучерси, пак, утре треба да разговара за регулирањето на криптовалутите, меѓу другите прашања, на состанок со претставници на секторот.

Back to top button
Close