Трамп ќе се сретне со Путин во Саудиска Арабија за да се стави крај на војната
Доналд Трамп кажа дека би можел да се сретне со Владимир Путин во Саудиска Арабија во блиска иднина откако тие вчера разговараа телефонски, при што се согласиле веднаш да почнат мировните разговори за Украина. Кремљ го потврди разговорот и додаде дека Путин го поканил Трамп во Москва зашто дошло време да работат заедно.
„Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија. Време е да се стави крај на оваа смешна војна, која донесе толку многу смрт и уништување“, кажа Трамп и ја предупреди Украина да не очекува враќање во своите граници пред 2014 година.
Трамп и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет исто така ја отфрлија можноста Украина да стане членка на НАТО.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека разговарал со Трамп за „траен, одржлив мир“. Тој утре ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио за време на Минхенската безбедносна конференција.
„Никој не сака мир повеќе од Украина. Се договоривме да го одржиме контактот и да планираме идни средби“, рече Зеленски по едночасовниот телефонски разговор со Трамп.
Група на големи европски сили, што ги вклучува Велика Британија, Германија и Франција, објави дека и за нив мора да има место на преговарачката маса при какви било разговори за иднината на Украина.
„Подготвени сме да ја засилиме нашата поддршка за Украина. Посветени сме на нејзините независност, суверенитет и територијален интегритет. Ја делиме целта да ја поддржуваме Украина додека не се постигне траен, праведен и сеопфатен мир. На Украина мора да ѝ се обезбедат силни безбедносни гаранции“, соопштија министрите за надворешни работи на седум европски држави по вчерашната средба во Париз