Трамп ќе се сретне со сирискиот лидер по најавата за укинување на санкциите
Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ќе ги укине санкциите против Сирија, пред очекуваната средба со нејзиниот лидер Ахмед ал-Шара, јави Би-Би-Си.
Трамп се согласи да се сретне со привремениот претседател на Сирија денеска во Саудиска Арабија, како дел од неговата турнеја низ Блискиот Исток, соопшти Белата куќа.
Најавата за укинување на санкциите беше пречекана со еуфорија во сирискиот главен град Дамаск, каде што се слушаа весели повици, танци и свечено пукање во воздух.
Санкциите, кои претходно го блокираа секое странско финансирање, вклучително и помош, беа наметнати со цел да се изврши притисок врз диктатурата на сега симнатиот од власт претседател Башар ал-Асад.
Трамп, на инвестицискиот форум во Ријад, изјави дека промената на политиката ќе ѝ даде на Сирија „шанса за величина“.
Министерот за надворешни работи на Сирија, Асад ал-Шаибани, одлуката ја поздрави како „клучна пресвртница за земјата“.
– Со оваа одлука, Сирија гледа кон иднина на стабилност, самодоволност и вистинска реконструкција по годините на разорна војна, додаде тој.
Сирискиот лидер Ал-Шара ја истакна потребата за отстранување на санкциите, додавајќи дека тие биле наметнати на претходниот режим поради неговите злосторства и дека тој режим веќе не постои.
Трамп изјави дека одлуката следи по барање од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ох, што сè правам за престолонаследникот“, рече Трамп, додавајќи: „Многу го сакам“