Трамп е за употреба на задушувачки зафат во исклучителни случаи

Полицајците понекогаш се среде „гадни борби“, па задушувачкиот зафат во такви случаи можеби би бил неопходен, изјави американскиот претседател Доналд Трамп. Тој додава и дека не го сака тој метод.
Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека задушувачкиот зафат би можел да се користи од страна на полицијата, но само во исклучителни случаи. При борба на полицаец со осомничено лице понекогаш може да дојде до ситуација да се употреби ваков зафат, смета тој. „Што ќе направите тогаш? Ќе го пуштите и ќе речете: Ајде да почнеме од почеток, не смеам да употребам задушувачки зафат?“, рече Трамп во интервју за Фокс Њус. Доаѓа до ситуациии „еден на еден“, до „гадни борби“ и судири со „навистина лоши луѓе“, рече Трамп, додавајќи: „Тоа е тешка ситуација“.

Но, според американскиот претседател, во основа задушувачки зафат би требало да не се применува. „Не ги сакам задушувачките зафати“. Трамп сака на американските улици да види „сочувствителна, но силна“ полиција.

Смртта на црнецт Џорџ Флојд при брутална акција на полицијата предизвика дебата за полициското насилство и расизмот не само во САД, туку и во други земји во светот. Полицаец белец на крајот на мај го притискаше Флојд со колено на вратот речиси девет минути, иако уапсениот повеќепати се жалеше дека веќе нема воздух. Подоцна 46-годишниот Флојд почина. Полицаецот и тројцата негови колеги кои учествуваа во акцијата беа отпуштени од работа, уапсени и обвинети.

Опозициските демократи во САД како реакција на насилната смрт на Флојд побараа мерки против полициско насилство, но тоа наидува на одбивање од страна на републиканците на Трамп. Во меѓувреме околу тоа прашање се активираа градовите и сојузните држави. Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, вчера потпиша закон кој меѓу другото предвидува максимални затворски казни до 15 години за полицајци кои нанесуваат повреди или убиваат со задушувачки зафат. Освен тоа, во иднина би требало да бидат полесно достапни досиејата за дисциплински постапки и несовесно работење на припадници на полицијата

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close