Трамп: Европа мора да плати за украинската безбедност; Макрон: Не смееме да ја жртвуваме Украина
Претседателите на САД и Франција Доналд Трамп и Емануел Макрон денеска имаа средба во Вашингтон, по која одржаа заедничка прес-конференција во Белата куќа.
Трамп ја отвори конференцијата со нагласување на пријателството меѓу него и Макрон, потсетувајќи на поканата што ја добил за повторното отворање на катедралата Нотр Дам минатата година, како и на последната посета на францускиот претседател на Вашингтон заедно со неговата сопруга.
Тој истакна дека Франција е „најстариот сојузник на Америка“.
Посетата на Макрон на Белата куќа се совпаѓа со третата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Тој сака да обезбеди клучна улога за Европа и за Украина во дипломатските напори, откако овие две страни беа исклучени од неодамнешните разговори меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија за можен крај на војната.
Трамп изјави дека целта на денешната средба е ставање крај на конфликтот во Украина.
– Стотици илјади Руси и Украинци загинаа непотребно, цела генерација е уништена, рече тој, додавајќи дека „многу добри чекори кон мирот веќе се случуваат и дека Макрон имал клучна улога од самиот почеток.
Според него, „ова е вистинскиот момент, можеби и единствениот момент“ за да се стави крај на војната.
Односите меѓу Вашингтон и Киев се затегнати во последниот период. Минатата недела американски и руски претставници одржаа разговори во Саудиска Арабија, на кои Украина не беше поканета.
Подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Трамп живее во „дезинформациски меур“ креиран од Москва. Американскиот претседател одговори нарекувајќи го Зеленски „диктатор“ и обвинувајќи го дека „ужасно ја води Украина“.
Трамп денеска нагласи дека трошоците за обезбедување мир треба да бидат покриени од европските држави, а не само од САД.
– Европа мора да ја преземе централната улога во обезбедувањето долгорочна безбедност на Украина – што таа и сака да го направи, рече тој.
Трамп ја повтори својата желба да ги врати средствата што САД ги потрошиле за поддршка на Украина, тврдејќи дека износот надминува 300 милијарди долари. Меѓутоа, според достапните податоци, САД всушност потрошиле околу 120 милијарди долари, наведува Би-Би-Си.
Тој, исто така, истакна дека САД „мораат да имаат договор со Украина за критични минерали и ретки метали како дел од безбедносните гаранции“, додавајќи дека во таа насока се прават значителни чекори.
Макрон: „Мирот не смее да значи капитулација на Украина“
Макрон се обрати на француски, заблагодарувајќи му се на Трамп за пријателството меѓу САД и Франција.
Тој нагласи дека Европа не избегнува одговорност во поддршката на Украина, истакнувајќи дека ЕУ инвестирала 128 милијарди долари во украинската безбедност.
– Украина е фронтот за колективната безбедност на цела Европа, рече Макрон, додавајќи дека украинскиот народ покажал извонредна храброст.
Тој потенцираше дека никој не сака свет во кој „волјата на посилниот може да биде наметната, а меѓународно признатите граници да бидат прекршени“.
Францускиот претседател истакна дека разговарале за можноста за примирје што ќе биде мерливо, проверливо и што ќе отвори пат кон траен мир.
„Мирот не смее да значи капитулација на Украина или прекин на огнот без гаранции“, рече Макрон, додавајќи дека секој договор мора да ја зачува украинската сувереност и да и овозможи на Украина да преговара за своите интереси со сите засегнати страни.
Тој ја заврши својата изјава со зборовите дека имале „исклучително продуктивни разговори“ и дека „верува дека има пат напред“.
Во тек се новинарски прашања: