Трамп ги откажа планираните воени напади против Иран поради напредок во преговорите

Претседателот на САД Доналд Трамп соопшти дека ги откажал воените напади против Иран планирани за вечерва, само неколку часа откако се закани со нови бомбардирања и изрази намера за преземање контрола врз островот Харг, главниот центар на иранската нафтена инфраструктура, пренесува Ројтерс.

 

Американскиот претседател појасни дека одлуката за запирање на воената акција уследила по добиените гаранции од Техеран дека преговорите се подигнати на највисоко рамниште.

 

„Врз основа на фактот дека преговорите со Исламската Република Иран се пренесени до највисокото ниво на иранското раководство и одобрени, јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, ги откажав планираните напади и бомбардирања против Иран за вечерва“, напиша Трамп во објава на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social).

 

Трамп додаде дека „преговорите и конечните точки“ веќе се одобрени од страна на САД, Израел, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Турција, Пакистан, Бахреин, Кувајт, Јордан, Египет и други партнери. Сепак, тој подвлече дека поморската блокада, која силно го погодува сообраќајот низ Ормуската Теснина, ќе остане во полна сила сè додека овој договор не биде финализиран.

 

Трамп најави дека времето и местото на официјалното потпишување ќе бидат објавени наскоро.

 

Претходно во текот на денот, Трамп изјави дека САД ќе го погодат Иран „многу силно вечерва“ и дека набрзо ќе ја преземат контролата врз нафтената и гасната инфраструктура, како и врз пазарите на оваа блискоисточна земја, по серијата наизменични напади во Заливот кои сериозно го поткопаа и онака кревкото примирје.

Back to top button
Close