Трамп: Гледам позитивни исчекори на Блискиот Исток, дури и со Иран и Палестинците
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека гледа позитивни исчекори на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Иран и Палестинците.
На синоќешната прес-конференција во Белата куќа по повод воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Израел и Бахреин, Трамп повтори дека многу земји од Блискиот Исток сакаат да се вклучат во процесот на нормализирање на состојбата во тој дел од светот, соопштено е на официјалната интернет страница на Белата куќа.
-Гледам дека се случуваат некои позитивни исчекори и во Иран. Мислам дека сето тоа е многу добро и очекувам да се случат уште многу позначајни работи. Имам впечаток дека и Палестинците ќе сторат нешто многу паметно за себе. Сите нивни пријатели се приклучуваат и сакаат да бидат дел од тој процес, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
По Обединетите Арапски Емирати, Бахреин е втората земја од Заливот која воспостави дипломатски односи со Израел.
Египет ја поздрави одлуката, додека договорот експресно го осудија Палестинците и Иран.