Трамп го помилува поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин

 

Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп вчера го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој призна дека лажел во истрагата на ФБИ за вмешаност на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година на кои тој победи.

-Ми претставува голема чест што можам да објавам дека генералот Мајкл Флин е помилуван. Честитки за генералот Флин и неговото прекрасно семејство. Знам дека ова ќе биде фантастичен Ден на благодарноста!, напиша Трамп на Твитер.

Во 2017 година, Флин призна дека ги излажал истражителите на ФБИ за неговите руски контакти.

Тајните разговори на Флин со руски дипломат во Вашингтон во декември 2016 година, пред инаугурацијата на Трамп, беа основата за темелната истрага што ја водепе специјалниот советник Роберт Мулер за мешањето на Москва во американските избори.

Трамп го отпушти Флин само 22 дена по доаѓањето во Белата куќа. Но, и покрај тоа, тој цело време тврдеше дека истрагата е политички „лов на вештерки“ и дека Флин, кој е поранешен генерал и шеф на Агенцијата за разузнавање на одбраната, е „добар човек“.

Министерството за правда, во мај годинава, се откажа од случајот против Флин, со образложение дека наводните лаги не биле значајни за ФБИ, што му донесе голема политичка победа на Трамп.

Овој потег, од правните експерти беше протолкуван како многу невообичаен, но федералниот судија нареди понатамошно правно разгледување на прашањето. Помилувањето на Трамп значи дека случајот се повлекува од судовите, кој беше во фаза на жалба од Флин до апелацискиот суд.

Министерството за правда вчера рече соопшти дека не биле консултирани за помилувањето, туку биле само известени за помилувањето за Флин. Официјален претстав ник на Министерството за американските медиуми изјави дека сепак сметаат дека случајот треба да добие судска завршница.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close