Трамп го продолжи рокот за запирање напади врз иранските енергетски капацитети до 6 април
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го продолжува рокот до 6 април за Иран да постигне договор за прекин на војната, предупредувајќи дека во спротивно земјата ќе се соочи со уништување на своите енергетски постројки.

Иако Трамп оцени дека преговорите се одвиваат „многу добро“, официјален Техеран го отфрли американскиот предлог карактеризирајќи го како неправеден.
Четиринеделната војна, која веќе се прошири низ Блискиот Исток, однесе илјадници животи и сериозно ја загрози глобалната економија преку вртоглав раст на цените на енергенсите, поттикнувајќи страв од глобална инфлација. Судирите започнаа на 28 февруари со напади на САД и Израел врз Иран, откако пропаднаа преговорите за иранската нуклеарна програма.
За време на синоќешниот состанокот на кабинетот во Белата куќа, Трамп се закани со зголемен притисок врз Техеран доколку не се постигне договор. Подоцна, преку социјалната мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social), тој појасни дека ги става во мирување заканите за напади врз иранската енергетска инфраструктура за дополнителни 10 дена. Претходно, на 23 март, Трамп најави петдневен прекин на заканите, кој сега е ревидиран на десет дена.
„Разговорите се во тек и, и покрај погрешните изјави на медиумите со лажни вести и другите, тие одат многу добро“, напиша американскиот претседател. Трамп не прецизираше со кого точно преговараат САД во Иран, каде што многу високи функционери беа убиени за време на војната.
Од друга страна, Иран тврди дека не е вклучен во разговори со Вашингтон.
Според „Волстрит Џурнал“, кој се повикува на посредници во мировните преговори, Иран не побарал ваква пауза. Сепак, Трамп во изјава за Фокс Њуз тврдеше дека иранската страна побарала седумдневен прекин на нападите врз енергетските постројки. Иран веќе предупреди дека ќе возврати со напади врз енергетската инфраструктура во регионот на Персискиот Залив доколку Трамп ги оствари заканите.
Евентуалните напади врз цивилната инфраструктура дополнително би ги потресле глобалните пазари и би ја загрозиле егзистенцијата на милиони цивили кои зависат од електричната енергија за снабдување со вода и осветлување на градовите.
Војната веќе предизвика сериозни нарушувања во поморскиот сообраќај: Цената на суровата нафта порасна за околу 40%; Цената на течниот природен гас (LNG) забележа остар скок; Цените на азотните ѓубрива, клучни за храната, се зголемија за 50 отсто.
И покрај оптимизмот на Трамп, Иран продолжува да возвраќа на американските и израелските удари, таргетирајќи воени бази и држави во Персискиот Залив. Техеран ефикасно го блокира извозот на гориво преку Ормуската Теснина, низ која минува околу 20 отсто од глобалната нафта и гас.
Како гест на добра волја, Трамп предложи Иран да дозволи премин на 10 нафтени танкери низ Теснината. Тој повтори дека САД ќе станат „најлошиот кошмар“ на Иран доколку не се исполнат барањата за отворање на Ормуската Теснина и запирање на нуклеарната програма, додавајќи дека преземањето контрола врз иранската нафта останува како опција.






