Трамп и Бин Салман во Ријад потпишаа договор за стратешко партнерство меѓу САД
Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман денеска во Ријад потпишаа договор за стратешко економско партнерство меѓу САД и Саудиска Арабија.
Британските медиуми јавуваат дека партнерството вклучува договори во областите на енергетиката, рударството и одбраната.
Договорот за одбрана се фокусира на воената соработка меѓу двете земји, вклучувајќи ја модернизацијата и развојот на капацитетите на саудиските вооружени сили, објави Си-Ен-Ен.
Беа потпишани и други договори, вклучително и за соработка меѓу царинските органи на двете земји, за медицински истражувања поврзани со заразни болести, судска соработка и партнерство меѓу саудиското Министерство за внатрешни работи и Федералното биро за истраги на САД (ФБИ).
Трамп и бизнис делегацијата утринава пристигнаа во Саудиска Арабија, почнувајќи четиридневна турнеја низ Заливот.
Во придружба на американски бизнисмени, меѓу кои и извршниот директор на „Тесла“ и советник на Трамп, Елон Маск, Трамп прво ќе го посети Ријад, а потоа ќе отпатува во Катар и Обединетите Арапски Емирати.
За време на посетата, Трамп ја објави можноста за патување во Турција во четврток на директни разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Посетата на Заливот е главно фокусирана на економски прашања, со очекувани најави за инвестиции кои би можеле да достигнат илјадници милијарди долари.
Саудиска Арабија уште во јануари вети 600 милијарди долари инвестиции во САД во текот на следните четири години, додека Трамп планира да побара сума од илјада милијарди долари.
За време на престојот во Ријад, Трамп ќе ѝ понуди на Саудиска Арабија пакет оружје во вредност од над 100 милијарди долари, вклучувајќи и напредни транспортни авиони Ц-130, наведуваат извори од делегацијата.
Трамп, меѓутоа, нема да се фокусира на прашањето за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, иако ова е една од неговите главни геополитички цели.
Неговите следни посети на Катар и Обединетите Арапски Емирати ќе се фокусираат на економски теми, а се очекува Катар да му подари на Трамп луксузен авион „Боинг 747-8“, што би бил опремен како „Ер Форс Уан“.