Трамп и понатаму подготвен да оди во Турција на средба меѓу Зеленски и Путин, ако дојде до неа


Претседателот на САД, Доналд Трамп, и понатаму е „подготвен“ да отпатува во Турција на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Американскиот претседател „веќе рече дека е подготвен да оди ако дојде до тоа, но сака двајцата лидери и двете страни да седнат на преговарачка маса“, им рече таа на новинарите на редовниот брифинг.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претодно изјави дека неговата земја ќе преземе чекори за да овозможи средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.

Ердоган изрази надеж дека двајцата лидери ќе се согласат да се сретнат „во Истанбул или Анкара“, а би им се придружил и американскиот претседател Доналд Трамп.

– Доколку прифатат, би сакал да се состанам со нив на оваа средба и со тоа да го претвориме Истанбул во центар на мирот, рече тој. „Ќе преземеме чекори кон тоа по оваа последна средба.“

Русија и Украина разговараа за потенцијална средба меѓу нивните лидери за време на денешните мировни преговори во Турција.

Back to top button
Close