Трамп и Путин ќе се сретнат на 15 август
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август – наредниот петок – за да преговараат за условите за постигнување мир во Украина. Средбата ќе се одржи во американската држава Алјаска, објави Трамп на својата платформа Трут соушал.
Трамп претходно им изјави на новинарите во Белата куќа дека страните во конфликт се блиску до договор за прекин на огнот, што би можело да бара отстапување на украинска територија. „Ќе има одредена размена на територија во корист на двете страни“, рече Трамп. Според извештајот на новинската агенција Блумберг, евентуалниот договор за прекин на војната во Украина би предвидувал окупација на териториите освоени од Москва. Еден од претставниците на Белата куќа го окарактеризира извештајот како шпекулација. Засега нема изјави од Кремљ за ова.
Путин бара четирите украински региони Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, како и полуостровот Крим, кој беше анектиран во 2014 година, да бидат припоени кон Русија. Меѓутоа, руските трупи не ја контролираат целата територија во овие четири региони. Според извештајот на Блумберг, според предложениот договор, Русија ќе ја запре својата офанзива во областите Херсон и Запорожје по должината на сегашните линии на фронтот.
Покана од Русија за возвратна посета
Русија подоцна ја потврди веста за состанокот во онлајн соопштение. Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го опиша изборот на локација за состанокот како „сосема логичен“. „Русија и САДсе блиски соседи кои се граничат меѓусебно“, нагласи тој. Ушаков додаде дека, ако се погледне во иднината, „природно е следниот состанок на претседателот да се одржи на руска почва“. Соодветна покана веќе е испратена до американскиот претседател.
Пред да се дознае дека ќе се одржи состанок на претседателско ниво, специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, отпатува во Москва и по петти пат лично разговараше со Путин. Кремљ го опиша состанокот како конструктивен – слични оценки дојдоа и од Вашингтон.
Ова ќе биде прва лична средба на американски претседател со Путин од летото 2021 година. Тогаш, демократскиот претходник на Трамп, Џо Бајден, се сретна со шефот на Кремљ во Женева. Трамп претходно во неколку наврати нагласи дека сака брзо да ја заврши руската војна против Украина, а неговите ставови кон рускиот претседател стануваат сè покритични. Во вторникот минатата недела, Трамп постави ултиматум од десет дена за прекин на огнот меѓу Москва и Киев. Доколку тоа не успее, тој најави санкции врз руските трговските партнери – а набргу потоа воведе нови казнени царини врз Индија поради нејзините договори за нафта со Москва. Меѓутоа, тие треба да стапат во сила дури на 27 август.
Сè уште нема изјава од Украина
Украинските власти сè уште не го коментираа планираниот состанок. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи во изјава објавена малку подоцна, но не се осврна директно на извештајот. „Соединетите Американски Држави се посветени на постигнување примирје и ние мораме заедно да ги поддржиме сите конструктивни чекори“, рече Зеленски. Достоинствен, сигурен и траен мир може да биде само резултат на заеднички напори, додаде тој.
Во своето вечерно видео обраќање, Зеленски рече дека прекинот на огнот е можен сè додека се врши доволен притисок врз Русија. Тој, исто така, истакна дека имал повеќе од дванаесет разговори со шефовите на држави и влади на различни земји. Неговиот тим е во постојан контакт и со САД. Во изминатиот период, Украина сигнализираше флексибилност во барањето решение за завршување на војната.
Извор: dw.com/mk