Трамп: Милеи доби многу помош од нас, заработивме многу пари поради тие избори

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека неговиот аргентински колега Хавиер Милеи добил „многу помош“ од Соединетите Американски Држави пред победата на неговата партија на изборите, откако САД понудија финансиска помош за Аргентина во потенцијална вредност од 40 милијарди долари.

Партијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи освои 40,8 отсто од гласовите кои ќе одлучат за пополнување на дел од пратеничките мандати во Долниот дом, за кои се одржаа избори, во споредба со 24,5 отсто што ги освои перонистичката опозиција.

Говорејќи на патување низ Азија, Трамп ја поздрави неочекуваната „голема победа“, нарекувајќи ја „голема работа“.

– Доби многу помош од нас. Доби многу помош. Му дадов поддршка, многу силна поддршка, рече Трамп, кој заслугата им ја припиша и на некои од неговите главни функционери, вклучувајќи го и министерот за финансии Скот Бесент задолжен за финансиската помош за Аргентина.

– Ние поддржуваме многу држави во Јужна Америка. Многу сме фокусирани на Јужна Америка, рече Трамп.

Исходот од изборите му дава мандат на аргентинскиот претседател да продолжи со радикално преструктуирање на економијата и покрај широко распространетото незадоволство поради острите мерки за штедење.

Агенцијата Фич Рејтингс минатата среда соопшти дека американската поддршка за аргентинските пазари спречила намалување на кредитниот рејтинг на јужноамериканската држава, но дека таа сè уште има потреба од поширок план за обнова на меѓународните резерви за да се зголеми рејтингот.

Поддршката на Трамп за Милеи пред гласањето вклучуваше веќе постигнат договор за валутна размена вреден 20 милијарди долари и инвестициски фонд од 20 милијарди долари.- Заработивме многу пари врз основа на тие избори затоа што (вредноста на) обврзниците порасна. Нивниот целосен кредитен рејтинг порасна, рече Трамп, но додаде дека САД „тоа не го прават поради пари, per se (сами по себе)“.

Бесент, кој патува со Трамп, финансиската помош ја опиша како „мост“ што ќе помогне во економскиот проект на аргентинскиот претседател.

– Милеи настојува да поништи 100 години лоши политики, им рече Бесент на новинарите.

– Ќе ги уништи благодарение на поддршката на САД, додаде тој.

Back to top button
Close