Трамп: Можеби ќе им се придружам на Путин и Зеленски на преговорите в четврток во Истанбул
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека би можел да се приклучи на евентуалната средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, која е закажана за четврток во Турција, со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Имено, зборувајќи денеска во Белата куќа, Трамп рече дека верува оти состанокот има потенцијал да донесе резултати, но дека сè уште не знае дали ќе патува лично.
„Не го потценувајте четвртокот во Турција. Претседателот Ердоган е одличен домаќин. Со него работиме и на прашањето за Сирија… Мислам дека би можеле да имате добар состанок, постои потенцијал за добар состанок. Средбата не требаше да се одржи, а јас инсистирав да се случи… Можеби ќе добиеме добар резултат од тој четврток во Турција… Верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Размислував да летам. Не знам каде ќе бидам во четврток, имам толку многу состаноци… Но, постои можност, претпоставувам, ако мислам дека нешто може да се случи“, рече Трамп.
Моментално не е јасно дали Трамп е сериозен во врска со неговото пристигнување во Истанбул.
Нема официјална потврда од Белата куќа за неговото заминување.
Досега само Володимир Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција, додека рускиот претседател Владимир Путин сè уште јавно не го потврди своето учество.