Трамп најави дека САД ќе ги намалат царините за Индија откако Моди му ветил дека нема да купува руска нафта

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави трговски договор со Индија според кој Вашингтон ќе ги намали дополнителните царини за индиските стоки од 25 проценти на 18 проценти откако индискиот премиер Нарендра Моди ветил дека Њу Делхи ќе престане да купува руска сурова нафта, објавија светските агенции.
Одлуката беше објавена по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Моди. Според американскиот претседател, Њу Делхи, исто така, се обврзал да ги „намали на НУЛА“ своите царини и нетрговски бариери против САД, како и да купи американска енергија, технологија, земјоделски и други производи во вредност од „над 500 МИЛИЈАРДИ долари“.
„Од пријателство и почит кон премиерот Моди, и на негово барање, со моментална сила, се согласивме на трговски договор меѓу САД и Индија, според кој Вашингтон ќе примени намалена реципрочна царина, намалувајќи ја од 25 на 18 проценти“, напиша Трамп на социјалните медиуми по разговорот со индискиот премиер, пренесуваат британските медиуми.
Според Трамп, Моди „се согласил да престане со купувањето руска нафта“ и се обврзал да купува „повеќе нафта од САД и евентуално од Венецуела“, напиша американскиот претседател во објава на социјалната мрежа Truth Social, додаваат западните медиуми.






