Трамп најави договор со Иран, Техеран возврати: Потпишување во недела нема да има

Screenshot

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот меѓу САД и Иран, кој треба да доведе до повторно отворање на Хормушкиот теснец, ќе биде потпишан во недела. Но, иранските власти веднаш ја оспорија оваа најава, наведувајќи дека договорот сѐ уште не е финализиран.

Трамп соопшти дека договорот ќе претставува гаранција дека Иран нема да поседува нуклеарно оружје.

„Тие повеќе не сакаат нуклеарно оружје и нема да го имаат, ниту преку развој, ниту преку купување, ниту на кој било друг начин“, напиша Трамп.

Тој нагласи дека, за разлика од договорот од времето на Барак Обама, новиот аранжман нема да предвидува трансфер на американски средства кон Техеран.

Од друга страна, иранската Револуционерна гарда соопшти дека меморандумот за разбирање сѐ уште не е завршен и дека „дефинитивно нема да биде потпишан во недела“.

Според иранските претставници, Трамп инсистирал на датумот бидејќи сакал евентуалното потпишување да се совпадне со неговиот роденден и да го претвори во личен политички настан.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи исто така порача дека потпишување во недела нема да има, но не ја исклучи можноста тоа да се случи во наредните денови.

Според американски извори, доколку меморандумот биде потпишан, ќе следува нов 60-дневен период на преговори за спроведување на договореното и решавање на преостанатите спорни прашања.

Меѓу најчувствителните теми останува иднината на иранската нуклеарна програма. Американската страна тврди дека конечната цел е демонтирање на нуклеарната програма и отстранување на залихите високо збогатен ураниум, додека Техеран има поинаков став за идниот третман на нуклеарниот материјал.

Во меѓувреме, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој посредува во разговорите, изјави дека двете страни веќе се согласиле за рамката на мировниот договор и дека потпишувањето може да се случи во следните 24 часа.

Британскиот премиер Кир Стармер и катарските власти исто така ја поздравија можноста за договор, нагласувајќи дека секое решение мора да обезбеди траен и одржлив мир во регионот, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close