Трамп најавува удвојување на царините за челик

Американскиот претседател Доналд Трамп најави двојно зголемување на постоечките царини за увоз на челик во САД. Во говорот пред работниците во фабрика за челик во Пенсилванија, Трамп рече дека сака да ги зголеми царините од сегашните 25 проценти на 50 проценти од вредноста на стоката. Повисоките даноци треба да стапат на сила на 4 јуни, соопшти Белата куќа.
Дополнителните давачки за увоз ќе ја зајакнат американската челична индустрија, изјави републиканецот: „Никој нема да може да ги избегне.” Царините се неговиот „апсолутен омилен збор“, им порача тој на работниците, додавајќи дека фабриката во Пенсилванија повеќе немаше ни да постои доколку тој не ги зголемеше царините за увоз на челик за време на неговиот прв мандат.
Кратко потоа, Трамп на својата платформа Truth Social објави дека царините за алуминиум исто така треба да се удвојат на 50 проценти. Не беше веднаш јасно дали ќе има исклучоци од сега зголемените царини – на пример за Канада и Мексико, со кои САД формираат северноамериканска зона за слободна трговија. Од првичните тарифи од 25 проценти наметнати во февруари, немаше исклучоци.
Судовите се занимаваат со царините на Трамп
Во моментов се водат различни правни постапки во врска со законитоста на многу од царините воведени од Трамп, а се уште не се донесени конечни одлуки. Апелациониот суд неодамна со својата одлука привремено ја поддржа царинската политика на Трамп. Американскиот претседател веќе јасно стави до знаење дека спорот за царините ќе го однесе до Врховниот суд доколку е потребно – каде конзервативните судии имаат мнозинство.
Ова се однесува на увозните давачки, кои се засноваат на вонредна состојба за намалување на трговскиот дефицит на САД, а кои се повеќето од царините наметнати од администрацијата на Трамп, вклучувајќи ги и оние што ги објави на почетокот на април.
Но, царините за увоз на челик, алуминиум и автомобили не се засегнати од овој правен спор, бидејќи тие се регулирани со посебен закон формално оправдан со националната безбедност. Увозот на производи од челик во САД веројатно ќе стане уште потежок со повисоките царини.
Во тек се преговори за трговски договори
Трамп веќе најави, се закани или спроведе бројни други царини. Покрај нова давачка од десет отсто од вредноста на стоката на речиси целиот увоз, тој најави и конкретни, повисоки царини за увоз од многу земји. Ова влијае и на главните трговски партнери како Кина и Европската унија. Неговата трговска политика доведе до нарушувања, особено на берзите.
Многу од трговските партнери кои Доналд Трамп ги таргетира со нови царини, вклучително и Европската унија, веќе преговараат со САД за да избегнат царини преку нови трговски договори. Во случајот со ЕУ, Трамп неодамна ги суспендираше заканите за дополнителни царини во висина од 50 отсто од вредноста на увозот до почетокот на јули, за да овозможи повеќе време за преговори.
САД се важен купувач на челик за ЕУ
Според Германското здружение за челичната индустрија, САД се најважниот пазар на продажба за европската челична индустрија. Од целата ЕУ во 2023 година беа извезени околу четири милиони тони во САД. Само од Германија годишно се произведуваат околу еден милион тони, главно специјален челик. Според тоа, Германија е најголемиот производител на челик во ЕУ.
САД увезуваат алуминиум главно од Канада, Обединетите Арапски Емирати, Кина и Јужна Кореја. Во 2024 година, Германија беше рангирана само на 16-то место меѓу најважните земји на потекло – со релативно мали количини.
Трамп иритира со коментарите за УС Стил
Трамп ја пофали и соработката меѓу УС Стил и јапонската компанија за челик Нипон Стил. Преземањето на американската компанија од страна на Јапонците беше на маса со месеци, но беше одбиено од синдикатите во УС Стил. За време на изборната кампања, претседателот се залагаше УС Стил да остане во сопственост на САД. Преземањето беше блокирано од претходникот на Трамп, Џо Бајден.
Во понеделникот Трамп објави дека имало договор меѓу УС Стил и Нипон Стил, без да даде детали. Тој пред челичарците во Пенсилванија повтори дека УС Стил ќе продолжи да биде „контролирана од САД“ и дека нема да има отпуштања или аутсорсинг на работни места.
Синдикатот на работниците од американската индустрија за челик ја критикуваше нејасната најава на Трамп: нема ништо што укажува дека Нипон ќе отстапи од претходната позиција. Јапонската компанија отсекогаш инсистирала дека ќе инвестира во УС Стил само ако може да ја преземе компанијата.
Извор: (dw.com/mk)