Трамп: Нашите луѓе се на пат кон Русија во моментов
Американскиот претседател Доналд Трамп, пред средбата со ирскиот премиер во Белата куќа, рече дека САД добиле „некои позитивни пораки“ за прекин на огнот со Украина, по вчерашните разговори во Саудиска Арабија.
– Се надевам дека ќе постигнеме прекин на огнот, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека „сега зависи од Русија“. – Нашите луѓе се на пат кон Русија во моментов, додаде американскиот претседател.
– Можеме да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека нема да биде потребно, но можеме да го направиме тоа на Русија, рече Трамп. – Можам да направам некои многу лоши работи финансиски за Русија, тие би биле многу погубни за Русија. Но, не сакам да го сторам тоа бидејќи сакам мир, посочи Трамп.
Претходно денеска, мериканскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД во текот на денот ќе имаат контакт со руската страна и се надеваат на позитивен одговор од Москва.
– Силно ги повикуваме Русите да ги прекинат сите непријателства. Нема воено решение за овој конфликт, рече Рубио. Тој потврди дека разговорите во Џеда вклучиле дискусии за тоа „како треба да изгледа преговарачкиот процес“, вклучително и „разговори за територијални отстапки“.
– Ако Русите одбијат, тоа ќе ни каже многу за нивните цели и начин на размислување, рече Рубио.
Рубио истакна дека на Украина и треба доволно силна заштита од идни напади. Тој додаде дека европските земји ќе мора да се вклучат во овој поглед. Рубио истакна дека договорот за минерални суровини не треба да се толкува како безбедносна гаранција. с