Трамп не сака да гледа убиени луѓе на улиците во САД, вели Белата куќа

Белата куќа денеска изјави дека претседателот Доналд Трамп не сака да гледа луѓе повредени или убиени на улиците во САД и го нарече убиството на еден човек во Минесота од страна на федерални агенти „трагедија“.
„Да бидам јасен во врска со околностите што доведоа до овој момент во саботата. Оваа трагедија се случи како резултат на намерен и непријателски отпор од страна на лидерите во Демократската партија на Минесота во текот на неколку недели“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Претседателот „не сака да гледа луѓе повредени или убиени на улиците“, но тој повикува на „крај на отпорот и хаосот“ околу неговата политика за депортација на имигранти, додаде Ливит.
Трамп на „Turth social“ објави дека е „на слична бранова должина“ со демократскиот гувернер на Минесота, Тим Волц.
-Гувернерот Тим Волц ми се јави за да ми предложи да работиме заедно во Минесота. Беше многу добар разговор и, искрено, се чинеше дека сме на иста страна. Му реков на гувернерот Волц дека ќе го замолам Том Хоман да му се јави и дека сакаме да ни ги стави на располагање сите криминалци под негова контрола. Гувернерот, многу правилно, го разбра ова и наскоро повторно ќе разговарам со него. Тој беше задоволен што Том Хоман доаѓа во Минесота, а и јас. Имавме огромен успех во Вашингтон, Д.Ц., Мемфис, Тенеси и Њу Орлеанс, Луизијана, како и практично на секое друго место што сме го „допреле“. Дури и во Минесота, криминалот е значително намален, но гувернерот Волц и јас сакаме да биде уште помал“, напиша Трамп.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп, во разговор со гувернерот на Минесота, Тим Волц, не ветил дека ќе започне локална истрага за неодамнешниот инцидент, иако најавил понатамошни разговори.
Ливит изјави дека Трамп ги поддржува Првиот и Вториот амандман, но нагласи дека граѓаните немаат право да се мешаат во законското работење на имиграциските служби, што, според неа, е кривично дело и токму тоа се случува на улиците на Минеаполис.
Таа додаде дека Трамп очекува „отпорот и хаосот“ во градот да завршат денеска, а за ситуацијата ја обвини политиката на администрацијата на Џо Бајден.
Белата куќа упати три барања до Минесота -да им ги предаде на федералните власти сите нелегални имигранти затворени за кривични дела, како и оние со налози или криминални досиеја; локалната полиција да ги предаде сите уапсени нелегални имигранти на федералните власти илокалните сили активно да им помагаат на федералните органи за спроведување на законот во апсењата и депортациите, особено на насилните престапници.
Волц и другите демократски лидери жестоко се спротивставија на војната на Трамп против имиграцијата, опишувајќи ја како нелегална инвазија што ја загрозува јавната безбедност.
Трамп минатиот месец го обвини Волц за некомпетентност затоа што не успеал да го спречи скандалот со социјална помош во Минесота.
Трамп претходно изјави дека ќе го испрати Том Хоман, службеникот на Белата куќа задолжен за имиграцијата, да работи со локалните власти откако агентите за имиграција го убија 37-годишниот Алекс Прети за време на судирите со демонстрантите во Минеаполис во саботата.






