Трамп не знаел дека навредливиот термин што го употребил во говорот се смета за антисемитски
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не знаел оти терминот „шајлок“ (shylock), кој го употреби во говорот во Ајова, се смета за антимсемитски.
– Никогаш не сум чул дека тоа е навредлив збор, рече Трамп по враќањето во Вашингтон, одговарајќи на прашања на новинарите. Според него, терминот „шајлок“ го користел за да опише „несовесни лихвари“ и не бил свесен за неговата поврзаност со антимсемитските стереотипи.
Терминот се поврзува со еврејскиот лик на безмилосен лихвар од драмата „Венецијанскиот трговец“ на Вилијам Шекспир, кој бара „фунта месо“ од својот должник. Лигата против клевета (ADL), организација која се бори против антимсемитизмот, соопшти дека ваквата употреба е „длабоко навредлива и опасна“ и претставува „неодговорно однесување од страна на претседател на САД“.
Во својот говор во Ајова, Трамп го употреби терминот „шајлок“ зборувајќи за законот што го усвои Конгресот вчера.
„Без данок на смрт, без данок на наследство, без одење во банки и позајмување пари, во некои случаи, од добар банкар, а во некои случаи, од шајлок и лоши луѓе“, рече Трамп.
Подоцна тој појасни дека изразот го разбирал исклучиво како опис за луѓе што позајмуваат пари по високи камати.
Aдминистрацијата на Трамп ја прогласи борбата против антимсемитизмот за приоритет, вклучувајќи проверки за антимсемитски активности во рамки на имиграциските бенефиции и правни дејства против универзитети, меѓу кои и Харвард, поради наводна толеранција кон антимсемитизам.