Трамп номинацијата за претседател ќе ја прифати во Белата куќа

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера изјави дека следната недела ќе ја прифати републиканската номинација за својот втор мандат за време на говор во Белата куќа, што претходно веќе наиде на критики од демократите, како и од некои негови колеги републиканци.

Трамп минатата недела објави дека републиканската номинација „веројатно“ ќе ја прифати од тревникот на Белата куќа,  нарекувајќи го „место каде добро се чувствува“.

Демократите го обвинија Трамп за политизација на Белата куќа. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, оцени дека Трамп повторно ќе ја „деградира Белата куќа“ користејќи ја за политички настан.

Пандемијата на коронавирусот ги принуди демократите и републиканците да ги преиспитаат одржувањата на нивните национални конвенции. Наместо митинг предвиден за Милвоки, демократите неделава закажаа четири вечери со виртуелни говори и настани.

Говорејќи за време на кампањата во Ошкош, Висконсин, Трамп ги критикуваше демократите затоа што претходно снимија некои говори.

-Ние во четврток ќе имаме вистински говор, следниот четврток ќе го слушате во живо од Белата куќа. Имаме многу да кажеме, рече Трамп. Неговиот говор е закажан за последниот ден од Републиканската конвенција следната недела.

Трамп тврди дека неговиот план да ја прифати номинацијата во Белата куќа нема да го прекрши Законот од 1939 година, со кој на владините претставници им се забранува да ги користат овластувањата за  мешање во исходот од изборите, тврдејќи дека тоа не важи за претседателот. сд/

Back to top button
Close