Трамп планира да им забрани на инвеститорите да купуваат куќи наменети за едно семејство

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека планира да им забрани на големите институционални инвеститори да купуваат станбени недвижности наменети за едно семејство, бидејќи растот на корпоративната сопственост на такви имоти доведе просечните Американци да не можат да поседуваат дом.
– Со децении купувањето и поседувањето сопствен дом е остварување на американскиот сон. Тоа беше награда за напорна работа и одговорно однесување, но денес тој сон станува недостижен за премногу луѓе, особено за помладите Американци, поради рекордната инфлација предизвикана од Џо Бајден и демократите во Конгресот, објави Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).
Тој додаде дека веќе презема чекори за да ги спречи големите институционални инвеститори да купуваат куќи наменети за едно семејство, а исто така најави дека ќе побара од Конгресот да ги потврди таквите мерки. Но, Трамп не наведе кога ќе стапи во сила забраната.
– Луѓето живеат во домови, а не во корпорации, наведе Трамп.
Фондовите за инвестирање во недвижности и другите големи институционални инвеститори поседуваат значителен број куќи за едно семејство во своите портфолија, кои потоа ги издаваат под наем. Според критичарите таквата пракса го намалила бројот на потенцијални сопственици и придонело за раст на цените на станбените недвижности.
Според податоците од Националното здружение на агенти за недвижности, просечната цена на куќа за едно семејство во третиот квартал од минатата година изнесувала 426.800 долари, додека во текот на летото достигнала рекордни 435.300 долари. Просечната фиксна каматна стапка на 30-годишна хипотека моментално е 6,2 проценти.
Компанијата „Блекстоун“ (Blackstone) минатата година беше најголемиот приватен сопственик на станбени единици во САД, со вкупно околу 230.000 недвижности.






