Трамп планира изградба на најголемата триумфална капија во Вашингтон

Американскиот претседател Доналд Трамп ги образложи своите планови за изградба на триумфална капија во Вашингтон, опишувајќи огромна структура инспирирана од познатиот споменик во Париз.
Во разговор со новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, Трамп истакна дека планираната градба ќе наликува на Триумфалната капија (Arc de Triomphe), но потенцираше дека сака верзијата во Вашингтон да биде најголема во светот.
– Ние сме најголемата, најмоќната нација. Би сакал оваа да биде најголемата од сите нив, изјави Трамп, најавувајќи формирање на комисија која ќе го надгледува проектот.
Овој проект е последен во низата архитектонски потфати со кои Трамп сака да остави свој белег во главниот град. Во моментов, во тек е изградба на раскошна сала за балови во комплексот на Белата куќа, за чии потреби беше урнато старото Источно крило, што предизвика бројни критики.
Според извештајот на „Вашингтон пост“, еден од плановите предвидува капијата да достигне висина од 76 метри, што е значително повеќе од париската која е висока 50 метри. Архитектонските експерти ја критикуваат предложената висина, тврдејќи дека нема да се вклопи со околните објекти, иако некои историчари ја поддржуваат идејата за ваков споменик во американската престолнина.
Трамп не наведе временска рамка за реализација, но минатата недела на својата платформа „Трут Соушл“ објави три дизајни, од кои едниот содржи препознатливи златни елементи, карактеристични за неговиот стил.






