Трамп: Постои добра шанса за договор со Иран без воен напад
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои „многу добра шанса“ Соединетите Американски Држави да постигнат договор со Иран за да се спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

Изјавата доаѓа само неколку часа откако Трамп соопшти дека го одложил планираниот воен напад врз Иран со цел да продолжат преговорите.
Тој рече дека лидерите на клучните американски сојузници на Блискиот Исток побарале од него да го одложи нападот, кој бил планиран за вторник, за да се овозможи продолжување на разговорите со Техеран.
Истовремено, Трамп предупреди дека САД и натаму се подготвени да започнат голема воена операција доколку не биде постигнат договор.
„Изгледа дека постои многу добра шанса да најдат решение. Ако можеме тоа да го направиме без да ги бомбардираме, би бил многу среќен“, изјави Трамп пред новинарите.
Тој прецизираше дека барањето за запирање на воената операција дошло од лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Еден ден претходно, Трамп изјави дека времето за Иран истекува и дека „подобро е брзо да дејствуваат, инаку од нив нема да остане ништо“.
Техеран вчера сигнализираше дека одговорил на новиот американски предлог за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран.
Кревкото примирје е во сила од 8 април.
Сепак, според последните информации, ставовите на двете страни остануваат значително оддалечени, наведува Франс прес.
Според иранската агенција „Фарс“, Вашингтон доставил список со пет точки, меѓу кои од Иран се бара да задржи само еден активен нуклеарен објект и резервите од високо збогатен ураниум да ги пренесе во Соединетите Американски Држави.






