Трамп предизвика солзи
„И солзата има своја должност. Нејзина должност е да го исчисти теренот за насмевката што доаѓа по неа!“ – вели генијалниот Руми
Мерсел Биљали
„Скокам од радост“, извика пред медиумите низ солзи радосници Еврејка по име Сигел, поранешна заложничка на Хамас, возбудена поради претстојното враќање на близначките Гали и Зива Берман, кои ce заложници на Хамас веќе две години. „Ги замислувам како се враќаат и ја прегрнуваат својата мајка“, рече таа!
Египетски претседател Абдел Фатах ал-Сиси, чија земја одигра клучна улога во посредувањето, напиша: „Светот доживува историски момент“! Тој го опиша Шарм ел-Шеик, градот каде што се одржаа разговорите, како град на мирот и лулка на дијалогот. „Овој договор не само што го затвора поглавјето на војната; туку ја отвори и вратата на надежта за народите во регионот за иднина обележана со правда и стабилност“, изјави Сиси. Но, секоја смела идеја на почетокот изгледа како лудост, а практиката покажува дена најдобрите идеи доаѓаат токму во најлошите времиња.
Но, дали овај комплициран процес на Трамп за Газа ќе биде доволен за норвешките членови на комитетот за наградата да ги игнорираат негативните поени на Трамп за Гренланд, Канада и Панама, или пак начинот на кој тој ја користи војската за одржување на редот во САД? Тоа останува да се види!
Хамас изјави дека е подготвен да ги ослободи сите израелски заробеници како дел од планот на Трамп од 20 точки за Газа, иако не се изјасни дека се согласува со другите аспекти на предлогот. На прашањето дали израелскиот премиер Нетанјаху вистина е согласен за прекинување на бомбардирањата во Газа и за поддршката на планот на САД за прекин на војната, Трамп за Си-Ен-Ен изјави: „Да, гарантирам за Биби“.
Нетанјаху и Хамас се под силен притисок. Бројот на жртви во Газа од израелските напади од октомври 2023 година се искачи на 67.139, а дополнителни 169.583 лица се ранети. Поголемиот дел од жртвите се жени и деца. Канцеларијата за медиуми на владата во Газа соопшти дека 9.500 лица се водат како исчезнати, со што вкупниот број на жртви се искачи на повеќе од 76.000. Но, додека со години израелските и палестинските лидери размислуваа за иднината, изгледа секогаш им недостигаше минатотого! Чудно е како човечката природа секогаш чека некакви подобри времиња, а ѝ недостигаат старите „добри“ времиња. Аа во вакви ситуации, желбата за успех мора да биде поголема од стравот од неуспех. Оти сега за да уништите една нација нема потреба од атомска бомба, туку доволно е лошо лидерство.
Еден израелскиот министер детално го проучил планот на Трамп од 20 точки, кој во претпоследната точка всушност го отвора патот за формирање палестинска држава, што е неприфатливо за него: „Како што ќе напредува реконструкцијата на Газа и како што ќе се спроведува програмата за реформи на Палестинската самоуправа, би можеле да се создадат предуслови за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и нивна сопствена држава, што е познато како колективна аспирација на палестинскиот народ“.
Арапските земји што учествуваа во постигнувањето на договорот, исто така, нагласија дека договорот во одреден момент мора да доведе до признавање на независноста на палестинската држава, што Нетанјаху постојано нагласува дека никогаш нема да се случи. Да потсетиме дека бројни договори за мир на Блискиот Исток досега не успеале, а неколку американски претседатели триумфално објавија „конечни“ мировни договори за овој дел од светот. Сепак, олеснувањето, задоволството, па дури и еуфоријата кај Израелците и Палестинците откако претседателот Трамп во текот на ноќта објави дека е постигнат мировен договор за Газа, е најдобар знак дека секогаш постои исклучок и постои прв пат.
Иако никој, дури ни самиот Трамп, веројатно не знае кога и како ќе се спроведат сите 20 точки од неговиот мировен план, реално Хамас и Израел се согласија за примирје во Газа и за другите чекори од првата фаза на договорот. Во Предлогот стои дека штом помине договорот во израелска влада, во рок од 24 часа Израел ќе се повлече по таканаречената жолта линија што ја дели Газа приближно на половина паралелно со морето. Ова треба да му овозможи на Хамас да ги лоцира сите преживеани заложници, околу дваесет од нив, како и телата на заложниците кои починале или биле убиени, а во исто време двете страни треба да се договорат за список од 1.700 палестински затвореници што треба да бидат ослободени од израелските затвори. Тука завршува првата фаза од договорот и започнува сивата зона со многу прашања и сомнежи.
Хамас мора да ја предаде власта во Газа!
Ова е најтешка точка од мировниот план, бидејќи Хамас како милитантна и терористичка организација треба да се самораспушта. Наликува како ангел што требе да влезе во пекол. Според договорот, Хамас и другите фракции нема да имаат никаква улога во управувањето со Газа. Целата нивна воена инфраструктура, вклучително и тунелите, ќе бидат уништени. Газа ќе биде демилитаризирана под надзор на независни набљудувачи. „Новите лидери на Газа ќе се обврзат на мирен соживот со своите соседи“, се вели во точка 13 од планот на Трамп, за чие прифаќање Катар, Египет и Турција одиграа важна улога.
На договорот силно се спротиставувал министерот за финансии и лидер на израелската екстремна десница, Безалел Смотрих, кој изјави дека нема да го поддржи договорот. „Иако чувствувам огромна радост поради претстојното враќање на заложниците, исто така чувствувам огромен страв од последиците од ослободувањето на следната генерација терористички лидери кои ќе направат сè за да продолжат да пролеваат реки еврејска крв“, рече тој. Тој бара Хамас целосно да биде искоренет, а Газа демилитаризирана. Проблем ќе бидат и имиња на палестински затвореници за кои Израел воопшто не сакал да дискутира во претходните преговори. Тие се лидерот на движењето Фатах, Марван ал-Баргути, и лидерот на Народниот фронт за ослободување на Палестина, Ахмед Саадат. И двајцата отслужуваат повеќекратни доживотни затворски казни за учество во напади во кои беа убиени израелски граѓани.
Бројни прашања се магла, како што се прашањата за имплементација во планот за Газа, составот и мандатот на безбедносните сили, управувачката структура на Палестинците, врската со Рамала, средствата за обнова итн. Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси кој одогра клучна улога во мировниот процес, бара американските трупи да бидат распоредени во Газа како мировни сили, за да планот стане реалност. Египетското воено разузнавање има сигурни врски и со вооруженото крило на Хамас (Бригадите Касам). Хамас сака турски трупи да бидат распоредени во Газа за да го гарантираат прекинот на огнот, но Израел се противи на турското присуство.
Во последните 80 години, неверојатно е како Палестинците направиле сè погрешно. Се чини дека тие биле најголемите кочничари на сопствената земја. Во 1947 година, тие ја отфрлија формулата на ОН за создавање две држави – Палестина и Израел, и влегоа во герилска војна што ја загубија. Во 2000 година, тие го отфрлија мировниот договор на претседателот Клинтон, според кој Израел и Америка ќе ја признаа палестинската држава. Глупаво се занесуваа дека Израел ќе треба да исчезнува! Ако ги собереме одбивањата на Палестинците, излегува дека Израел ја отфрлил Палестина помалку од самите Палестинци. Им требаше многу време и жртви за да разберат дека животот е компромис. Тешко сфаќаа дека штом нормалното го правите невозможно, катастрофата брзо ви станува неизбежна. Не секогаш имаме големи проблеми, туку обични секојдневни кои со мали напори можеме да ги претвораме во големи успеси.
Дали ова е доволно за Нобелова награда за мир?
Во својот тестамент од 1895 година, Алфред Нобел предвидел наградата да се доделува за најзначајниот придонес кон „братскиот договор меѓу народите, укинувањето или намалувањето на армиите и организирањето и промовирањето на мировни конгреси“. Трамп е на пат да го исправи тоа што (барем засега) го загуби со Русија.