Трамп: Разговорите за мир напредуваат, но меѓу Путин и Зеленски има огромна омраза
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека мировните разговори меѓу Украина и Русија се во тек и дека се одвиваат „нормално“, но оцени дека меѓу рускиот и украинскиот претседател постои длабока омраза. Според него, токму тој личен антагонизам е една од клучните пречки за побрзо завршување на војната.

„Меѓу овие двајца лидери, Владимир Путин и Володимир Зеленски, постои огромна омраза. Разговараме, сè оди добро, но оваа војна мора да престане“, изјави Трамп пред новинарите на својот имот Мар-а-Лаго во Флорида. Неговата изјава беше објавена на Јутјуб-каналот на Белата куќа.
На прашањето дали ќе инсистира Божиќ да биде краен рок за постигнување мировен договор, Трамп одговори дека се надева оти конфликтот ќе биде завршен што е можно побрзо. Во исто време, тој жестоко го критикуваше својот претходник Џозеф Бајден, тврдејќи дека неговата администрација потрошила 350 милијарди долари за војната во Украина без јасна сметка каде завршиле тие средства. Трамп нагласи дека неговата политика е поинаква, посочувајќи дека САД сега продаваат оружје и воена опрема на НАТО, наместо директно да „фрлаат пари“, како што рече, за време на администрацијата на Бајден.
Во истото обраќање, Трамп предизвика нови реакции и со изјавата дека Гренланд е неопходен за националната безбедност на САД. Тој истакна дека Вашингтон „мора да го има“ Гренланд, не поради минералите, туку исклучиво поради стратешката и безбедносната важност. Оваа изјава доаѓа по неговата одлука да го именува гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, за специјален пратеник за Гренланд, потег што предизвика остра реакција од Данска.
Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, во заедничко соопштение порачаа дека националните граници и суверенитетот на државите се заштитени со меѓународното право и дека анексија на други територии е недозволива, објави The Guardian.
Покрај геополитичките теми, Трамп се осврна и на неодамна објавените досиеја поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Тој изјави дека му било „непријатно“ што видел фотографии од поранешниот американски претседател Бил Клинтон во тие документи. Коментарот го даде по објавувањето на илјадници документи од Министерство за правда на САД, пренесе Sky News.
Трамп истакна дека со Клинтон секогаш имал коректни односи и дека смета оти објавувањето на ваквите материјали е поттикнато главно од демократите и, како што рече, „неколку лоши републиканци“. Тој додаде дека многу луѓе биле во контакт со Епстин, кој се движел во кругови на влијателни личности во Палм Бич и на други места, нагласувајќи дека темата и понатаму ќе предизвикува силни политички и јавни реакции. (Skopje1)






