Трамп: Русија не е агресор

Спротиставувајќи им се на своите сојузници од групата Г-7, Германија, Франција, Канада, Велика Британија, Италија и Јапонија, ставот на новата американска администрација е дека отсега натаму руската агресија врз Украина треба да се нарекува „конфликтот во Украина“. Имено, во нивното заеднички соопштение, Америка ја одбива формулацијата со која Русија се нарекува „агресор“. И што правиме сега? Државите кои сакаат да ги задржат добрите односи со, сè уште, најмоќната држава во светот ќе мора да се прилаготат на новата реалност која ја диктира Трамп. Исто како и во времето на претходната администрација на Џо Бајден, кога мораа да ја употребуваат токму формулацијата „руска агресија“. Дали се работи за агресија или не? И подеднакво важно: кои се причините за војната?

Вистината е дека она што го стори Путин на 22-ти февруари 2022 е класична агресија на една голема сила врз послаба држава со намера насилно да ги смени границите. Тоа е осудено од целиот свет, вклучувајќи ги и критичарите на воинствената политика на Бајден и на демократите. Сепак, ова е само дел од приказната. За осуда е и непромислениот обид Америка, преку грбот на Украина да ја ослабне моќта на Русија. Се разбира, да успееше во тоа со економски санкции и со конвенционално оружје, денес веројатно ќе ја славевме победата на демократијата врз автократијата, но тоа не се случи. Русија одолеа на санкциите а нејзината надмоќ во население и огнена моќ победи во една „војна на истребување“ налик на Првата светска.

Не помалку важна беше и заканата од Путин дека ќе го крене светот во воздух. Никогаш порано, дури и по цена од нуклеарна војна и уништување на планетата Земја, еден политичар на застанал во одбрана на она што големите сили го нарекуваат „егистенцијала закана“. Предвидувајќи ја ваквата реакција, Америка можеше да ја избегне војната со неутралност на Украина и автономија за на тамошното руско население. Но, шансата да се ослабне ривалот беше неодолива зашто ништо не ја чинеше да се обиде да ја сруши руската автократија. Имено, лавовскиот дел од помошта изразена во милијарди долари и онака се користеше за набавка на американско оружје, што ќе рече, за отворање нови работни места во америнскиот воено-индустриски комплекс. Згора на тоа, како што изјави еден американски сенатор, се работеше за војна против ривалот без американски човечки загуби.

Со време, во отсуство очекуваната брза победа на Украина и на Западот, почнаа да истекуваат информации за вистинската причина за руската агресија: стравот на Русија од ширењето на НАТО во Украина, на самите нејзини граници.

Инаку, приказната за стравот како причина за војна е прастара но е и универзална и безвременска. Пишувајќи за причината за Пелопонеските војни меѓу демократска Атина и автократска Спарта, грчкиот историчар Тукидид вели дека тоа бил стравот. Стравот дека Атина ќе го изгради големиот ѕид околу својот град и од позиција на доминација ќе го одбере времето за напад врз Спарта. Оттаму и одлуката на Спарта да нападне додека има уште време – пред да се изгради ѕидот.

Истото се повтори и во случајот со руската агресија врз Украина, идниот потенцијален плацдарм на Америка против Русија. Почнаа да истекуваат и други информации во прилог на ова видување. За ветувањето на Џејмс Бејкер до Јелцин дека, во замена за руска поддршка за обединување на Германија по падот на Берлинскиот зид, НАТО нема „да се помести ниту еден инч кон Русија“; за обидите на Путин да ја избегне војната со договорите Минск 1 и Минск 2 за автономија за руското население во Донбас и за неутралност на Украина; за несериозноста на гаранторите Германија и Франција кон словото на тие договори и како договорите биле, според Меркел, само „купување време“ да се вооружа Украина; за поготвеноста на Москва да склучи мир во Турција еден месец по инвазијата и за улогата на Борис Џонсон, наречен Боџо, во одвраќањето на Зеленски од мировен договор, во прилог на војната. Протекоа информации и за ароганцијата на американската моќ и нејзините политички претставници и улогата на Вашингтон во рушењето на претседателот Јанукович кој се определи за неутралност на Украина; за улогата на „онаа ужасна жена“од Стејт департментот, Викторија Нуланд, како што ја нарече режисерот Оливер Стоун, која телефонски му порача на американскиот амбасадор да „го донесе комедијантот на власт“ и „да ја е.. ЕУ“…

„Руската агресија“ или „конфликтот во Украина“, носи многу поуки од областа на меѓународната политика. Најважната за Македонија како мала држава на европскиот континент без излез на море, е да мисли со своја глава и внимателно да го пресмета својот интерес. Во новиот ривалитет меѓу Америка и ЕУ власта се определи за Америка. Таа определба, традиционално, беше заради американската поддршка за членство во ЕУ на нашата држава, што беше и официјална американска политика. Која е сегашната политика на Америка кон ЕУ допрва ќе видиме, но според првите потези, неќе да е на арно. Ние не сме членка на ЕУ и немаме влијание на тој процес, рече американската амбасадорка Агелер некни.

Повеќе од ова дипломат не смее да каже како предупредување.

Но ние можеме да додадеме на нејзината реченица:„ …особено не сега под водство на Трамп“. Можеме и да се прашаме: А што ако беспоговорните поддржувачи на Трамп, како Унгарија, Словачка, Србија и Македонија, се само негови Тројански коњи за рушење на ЕУ? И што ќе биде со нас ако трајно ги нарушиме односите со ЕУ во време кога Америка се конфронтира со Европа?

Дилемата е идентична со онаа на Макијавели чија основна задача, како министер за надворешни работи на малата Фиренца во средновековна Италија, заради опстанокот на својот град-држава, била точно да ги предвиди настаните во ривалитетот помеѓу тогашните големи европски сили. Да се надеваме дека определбата на новата власт во Македонија за Трамп и неговите политики е плод на сериозна анализа, а не на некакви лични познанства, нешто во што се сомневам.

Денко Малески

Back to top button
Close