Трамп сака ЕУ да ја нема

Истата таа „трансакциска“ политика на Трамп, која би можела да произведе мир во Украина и да го спаси светот од нуклеарна војна, може да ја сруши Европската унија. Како? Унијата е производ на стратешкото а не на „трансакциското“ размислување на американските политичари по Втората светска војна. Имено, преку Маршаловиот план, Америка ги обедини и ги крена на нозе разурнатите економии на европските сојузници. Условот да се добие помош од Америка беше соработка меѓу европските држави, како инвестиција во мирот. Процесот почна со комисијата за јаглен и челик и продолжи со создавањето на политичката унија. Аргументот беше дека, со создавањето на ЕУ се шири трансатлантската зона на мир зашто демократиите не војуваат меѓу себе. Оттаму и поддршката на сите досегашни американски администрации за проектот наречен Европска унија. Споделените вредности на демократијата и поддршка за европскиот проект од страна на Америка, за негово ширење и јакнење, беше гаранцијата за мирниот премин кон мултиполарен свет во кој Европа ќе има своја независна улога.

Но, за ова е потребна способноста за стратешко мислење која не ја поседува претседателот Трамп. Зборувајќи како бизнисмен, тој не размислува за потребата од јакнење на европскиот сојуз на демократии, туку за негово слабеење. Се сеќаваме дека во дебатата за Брегзит, Трамп ја поддржа и ја поттикна Велика Британија да ја напушти Унијата, наспроти Обама кој беше за нејзино останување. Тоа е пример за начинот на кој гледаат двајца американски политичари: едниот, Обама, стратешки и во контекст на ширење на демократијата во Европа, вториот, Трамп, како бизнисмен кој на Европа гледа како на економска конкуренција. А, што се прави со конкуренцијата на пазарот? Секако не се помага и поттикнува. Всушност, по можност, конкуренцијата се уништува. Трамп одамна има аверзија кон ЕУ и секако би бил посреќен тој сојуз да не постои. И тука е големата опасност за опстанокот на ЕУ: ако ја реализира својата политика на поединечно „дуинг бизнис“ со секоја европска држава игнорирајќи ја целината, ќе го поткопа економското единство на Сојузот. Ако, пак, почне да „ги игра“ една европска држава против друга , тогаш тоа може, скоро сигурно, да биде крај на европскиот проект.

Всушност, процесот на дисолуција на ЕУ од страна на новата администрација веќе е почнат. Зад инсистирањето на „слобда на говор“ на американскиот претседател Венс на минхенската безбедносна конференција, јасно се надѕира политиката на подривање на темелите на ЕУ. Потврда е сознанитето дека сите десничарски партии во главните европски држави, во чие име зборуваше Венс, се анти-европски расположени и сакаат да се одалечат или целосно да ги повлечат своите држави од ЕУ.

Со други зборови, на дело е политиката „подели па владеј“ од страна на Америка кон ЕУ, а нашата држава, свесна или не, со својот најблизок сојузник Унгарија, е „во првите редови“.

Тоа е доказ дека и ние не размислуваме , долгорочно, значи стратешки, туку сосема краткорочно. И не само што не размислуваме за иднината на ЕУ, туку и за тоа како оваа политика на Америка ќе влијае врз домашната политичка стабилност. Имено, нашата влада како да не е свесна за бранот на национализмите кој ќе го кренат партиите од „десната интернационала“ предводени од републиканците на Трамп и како тој бран ќе се одрази на меѓуетничките односи на Балканот и во Македонија. Не мисли, белким, дека е дел од тој бран на американскиот и европските национализми кој може да ја потопи мултиетничка Македонија?

Денко Малески

Back to top button
Close