Трамп се оглуши на барањето на ЕУ за примена на царините од 15 отсто од денеска

Наспроти очекувањата на ЕУ дека стапувањето во сила на договорената општа царинска стапка од 15 отсто за поголемиот дел од извозот на европски стоки во САД ќе започне од денеска, со најновата извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, нејзината примена се одлага за од 7 август.

По постигнувањето на рамковниот трговски договор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и Трамп во неделата, ЕУ најавуваше дека примената на одредбата за општа царина од 15 отсто ќе започне од денеска, кога истекуваше периодот на суспензија на претходно најавените царински стапки од страна на Американската администрација.

 

– Европската Унија јасно прими на знаење дека САД ќе го спроведат договорениот царински лимит од 15 отсто, како што наведе и претседателката Фон дер Лајен во неделата. Ова значи дека од утре ќе го имаме царинското олеснување на кое работевме толку напорно за да постигнеме стабилност и предвидливост за бизнисите и потрошувачите во ЕУ. САД презедоа обврски и сега е на САД да ги спроведат. Топката е на нивни терен, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на Европската комисија за трговија и царини Олоф Гил.

 

Тој најави и дека во меѓу време продолжуваат преговорите меѓу ЕУ и САД на финализирање на заедничката изјава заснована на постигнатиот трговски договор, со која треба да се прецизираат договорените обврски. Гил појасни дека заедничката изјава не е правно обврзувачки документ, туку реафирмирање на политичките обврски договорени во неделата и таа претставува еден вид план или патоказ за продолжување на соработката.

 

ЕУ засега официјално не ја коментираше новата извршна наредба на Трамп, останувајќи на барањето САД да обезбедат „итно царинско олеснување“ за европските извозници.

Со наредбата на Трамп примената на сите најавени нови царини за над 60 трговски партнери на САД, вклучително и за ЕУ, се одлага за 7 август. Исклучок од ова е Канада, за која од денеска стапи во сила царината од 35 проценти за канадскиот извоз во САД.

Од наплата на новите царински стапки ќе бидат ослободени оние производи кои се упатени кон САД пред 7 август и ќе пристигнат на американска територија пред 5 октомври.

Back to top button
Close