Трамп се закани со 100-процентни царини за земјите што воведуваат данок на дигитални услуги

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се закани дека ќе воведе 100-процентни царини за сите стоки од земјите што воведуваат данок на дигитални услуги за американските компании.

„Голем број европски земји во моментов дебатираат за воведување данок на дигитални услуги за американските компании“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.

„Некои од тие земји се навистина блиску до тоа“, додаде тој.

„Нека ова соопштение послужи како најава дека секоја земја што воведува таков данок веднаш ќе се соочи со 100-процентни царини за сите стоки испратени во САД.“

Трамп рече дека новите царини ќе го заменат секој трговски договор со САД „без разлика дали е имплементиран, потпишан или не“.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела, неколку часа пред средбата со Трамп на самитот на Г7, изјави дека Франција нема да се повлече под притисокот на американскиот претседател и да се откаже од својот дигитален данок за американските технолошки гиганти.

Пред да замине на самитот во Франција, Трамп предупреди дека САД „нема да имаат избор“ и ќе мора да воведат 100 проценти царини за француските вина доколку Париз не го укине својот дигитален данок.

Од 2019 година, Франција наплаќа надомест во износ од три проценти од приходите генерирани од дигитални услуги од компании со приходи од над 25 милиони евра во земјата, или 750 милиони евра низ целиот свет.

Новиот притисок на Трамп доаѓа откако земјите-членки на Европската Унија формално го одобрија трговскиот договор со САД постигнат минатата година, со кој царините за европскиот увоз се ограничени на 15 проценти, пишуваат француските медиуми.

Back to top button
Close