Трамп се заканил дека ќе ја бомбардира Москва ако Путин ја нападне Украина, објави Си-ен-ен

Американскиот претседател, исто така, вели и дека испратил слична порака до кинескиот претседател Си Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг доколку Кина го нападне Тајван

 EST. EPA/JIM LO SCALZO

Американскиот претседател Доналд Трамп им рекол на донатори собрани на приватен состанок во 2024 година дека порано му се заканил на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако тој ја нападне Украина, пишува Си-ен-ен објавувајќи аудио-снимка.

Според пишувањата на Си-ен-ен кои се врз основа на аудио-снимката, Трамп му рекол на Путин:

„Ако влезеш во Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Немам избор“.

Потоа додава дека одговорот од Путин бил оти не му верува, но Трамп вели: „Тој ми веруваше 10 проценти“.

Американскиот претседател, исто така, вели и дека испратил слична порака до кинескиот претседател Си Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг доколку Кина го нападне Тајван.„Мислеше дека сум луд. Но, никогаш немавме никакви проблеми“,рече Трамп за Си.

За содржината во аудио-снимките, Си-ен-ен пишува оти од кампањата на Трамп одбиле да коментираат.

„На снимките, Трамп изгледа порелаксиран и поотворен отколку во јавноста, а покрај заканите за надворешна политика, тој зборува и за депортацијата на студентите од протестите и тврди дека луѓето кои примаат социјална помош секогаш ќе гласаат за демократите“,се додава во написот на Си-ен-ен.

Инаку, вчера Трамп изјави дека не е задоволен од однесувањето на рускиот претседател Владимир Путин и рече дека разгледува нови санкции против Русија.

„Не сум задоволен со Путин, тоа можам да ви го кажам. Тој убива многу луѓе, главно свои и украински војници. Бројот на загинати сега изнесува до 7 000 неделно“рече Трамп во обраќање пред новинарите, пренесува „Њујорк тајмс“.

Тој повтори дека војната во Украина „никогаш не требало да се случи“ и оти треба да заврши бидејќи „многу луѓе умираат“.

„Путин нè опсипува со еден куп глупости, ако сакате да ја знаете вистината. Тој е цело време многу фин, но излегува дека тоа е бесмислено. Постојано ни зборува убаво, но сето тоа не значи ништо“,рече Трамп.

На прашањето дали планира да воведе дополнителни санкции против Русија, тој одговори дека „размаслува за тоа“, но не изнесе детали за следните чекори.

„Не би ви го кажал тоа сега, сакаме малку изненадувања“,рече Трамп.

Коментирајќи го неодамнешниот прекин на испораките на вооружување за Украина, кој го нареди министерот за одбрана на неодредено време поради загриженост околу залихите на американската војска, Трамп изјави дека не знае кој ја донел таа одлука за прекин.

Коментарите на Трамп следуваа помалку од 24 часа откако тој потврди дека Вашингтон ќе продолжи со испораките на оружје за Киев во екот на тековните руски воздушни напади. Тоа дојде само неколку дена откако Пентагон ги запре испораките за да преиспита дали моменталните залихи се доволни за американските одбранбени потреби.

Back to top button
Close