Трамп со најостра закана до Иран: „Отворете го Ормутскиот теснец или ќе има пекол“

Американскиот претседател Доналд Трамп упати досега најостра јавна закана кон Иран, најавувајќи можни разорни напади доколку не се отвори Ормутски теснец, клучна поморска рута за глобалната трговија со нафта.

. EPA/SAMUEL CORUM / POOL

Во објава на социјалните мрежи, Трамп порача дека „вторник ќе биде ден на електрани и мостови“ во Иран, директно алудирајќи на напади врз инфраструктурни објекти.

Заканите претставуваат дополнителна ескалација на реториката, во пресрет на рокот што самиот го постави за повторно отворање на теснецот.

На ваквата порака, иранското дипломатско претставништво во Зимбабве кусо одговори со саркастичен коментар: „Ги изгубивме клучевите.“

Претходно, Трамп повеќепати најавуваше дека во случај на непопуштање од страна на Техеран, би можеле да бидат таргетирани и цивилни објекти, вклучително електрани и мостови, што предизвика реакции кај дел од меѓународната јавност поради можни прекршувања на меѓународното право.

Ормутскиот теснец важи за една од најстратешките енергетски артерии во светот, преку која минува значителен дел од глобалната испорака на нафта. Од почетокот на конфликтот, сообраќајот низ теснецот е значително намален, што дополнително влијае врз цените и стабилноста на енергетските пазари.

Конфликтот меѓу САД, Израел и Иран влегува во петтата недела, со засилени напади врз енергетски и транспортни цели во регионот.

Back to top button
Close