Трамп: Сопругата на Макрон се однесува кон него исклучително лошо, Французинот реагира: Трамп зборува премногу

Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика негодување во Франција поради коментарите за францускиот лидер Емануел Макрон и неговата сопруга.
„Сопругата на Макрон се однесува кон него исклучително лошо. Тој сè уште се опоравува од удар во вилицата“, рече денеска Трамп, според сите водечки медиуми во Франција.
Шефот на Белата куќа алудираше на видео од мај 2025 година од претседателскиот авион кога, непосредно пред да се симнат по скалите, камерите фатија момент од некаков вид дискусија помеѓу Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит пред почетокот на официјалната посета на Виетнам.
Макрон потоа негираше дека се расправал со сопругата и дека таа го удирала, велејќи дека двајцата „често се шегуваат така“.
Францускиот претседател реагираше многу брзо на последната забелешка на Трамп.
„Трамп зборува премногу… неговите изјави не се ниту елегантни, ниту пак се на ниво“, рече Макрон.
Коментарите на Трамп за двојката Макрон се дел од неговиот гнев кон сојузниците во НАТО, меѓу кои е и Франција, затоа што не се приклучија на американско-израелската војна против Иран.
„Ги поканив, иако не ни беа потребни, но сепак прашав“, рече Трамп на приватниот ручек, во видео кое накратко беше објавено на YouTube каналот на Белата куќа пред пристапот да биде ограничен.
Француските политичари, вклучувајќи ги и некои од противниците на Макрон, се огорчени од коментарите на Трамп за претседателската двојка, објавува весникот „Монд“.
„Искрено, не е на ниво“, изјави Јаел Браун-Пивет, претседателка на долниот дом на францускиот парламент.
„Во моментов се разговара за иднината на светот. Она што се случува во Иран и на Блискиот Исток има последици по животите на милиони луѓе, луѓе умираат на бојното поле, а имаме претседател кој се смее, кој им се потсмева на другите“, изјави таа за телевизиската станица „Франсинфо“.
Дури и Мануел Бомпар, лидерот на радикално левичарската партија „Неподредена Франција“, застана во одбрана на Макрон.
„Вие сте свесни за обемот на моите несогласувања со претседателот, но Доналд Трамп да разговара со него така и да зборува за неговата сопруга на тој начин – го сметам за апсолутно неприфатливо“, изјави Бомпар.






