Трамп: Србија се подготвуваше за нова војна со Косово – ја спречивме со закана за стопирање на трговијата

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД успеале да спречат вооружен конфликт меѓу Србија и Косово, кој бил во подготовка на почетокот од оваа година. На прес-конференција во Белата куќа, Трамп рече дека неговата администрација реагирала навреме и му се заканила на Белград со прекин на трговските односи.
„Имам пријател во Србија кој ми рече: ‘Повторно ќе одиме во војна’. Не сакам да кажам дека станува збор за Косово, но станува. Требаше да започне голема војна, но ја спречивме поради трговијата. Им реков – ние не тргуваме со оние што водат војна“, изјави Трамп од Овалната канцеларија.
Изјавата беше дадена за време на заедничката прес-конференција со министрите за надворешни работи на Конго и Руанда, по потпишувањето на мировен договор меѓу двете земји со посредство на САД. Трамп ја искористи можноста да се пофали со, како што рече, „неколку светски мировни успеси“ за кратко време.
„Постигнавме мир меѓу Индија и Пакистан, Израел и Иран, Конго и Руанда… и уште неколку други. Србија се подготвуваше за војна со една група – нема да кажам која – но го спречивме тоа“, додаде Трамп.
Изјавата доаѓа во контекст на сè понапрегнатите односи меѓу Белград и Приштина, особено по серијата инциденти и тензии во северниот дел на Косово. Белград сè уште не се огласил официјално по повод изјавите на Трамп.
Извор: skopje1.mk