Трамп: Украина и Русија можеби треба да се остават да се борат, пред да се посредува за мир

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека можеби би било подобро Украина и Русија да бидат оставени да се „борат извесно време“ пред да се почне со работа на мировен договор меѓу нив. Коментарот доаѓа иако германскиот канцелар Фридрих Мерц го нарече „клучна фигура“ која може да го запре крвопролевањето со притисок врз рускиот претседател Владимир Путин.

На вчерашната средба во Овалната соба со канцеларот Мерц, Трамп ја спореди војната во Украина со тепачка меѓу две деца кои се мразат. Тој рече дека во такви случаи „понекогаш е подобро да ги оставиш да се борат извесно време, а потоа да ги раздвоиш“, додавајќи дека токму таа аналогија му ја пренел и на Путин во нивниот разговор оваа недела.

– Му реков дека можеби ќе треба да продолжат да се борат и многу да страдаат – затоа што двете страни страдаат – пред да бидат разделени, рече Трамп. – Тоа го гледате и во хокеј, и во спортот – судиите понекогаш ги оставаат неколку секунди, пред да ги разделат, додаде тој.

Коментарите беа изненадувачко отстапување од честите повици на Трамп за запирање на насилството во Украина. Сепак, Трамп воедно повторно го осуди крвопролевањето.

Канцеларот Мерц внимателно ги заобиколи зборовите на Трамп, нагласувајќи дека САД и Германија се согласуваат „колку ужасна е оваа војна“. Тој истовремено јасно ја посочи одговорноста за насилството кај Владимир Путин и подвлече дека Германија стои на страната на Украина.

 

– И двајцата бараме начини да се стави крај на војната што е можно поскоро. Му кажав на претседателот пред да дојдам дека токму тој е клучниот човек кој навистина може тоа да го направи – со притисок врз Русија, рече Мерц во Овалната соба.

Мерц се посвети на дипломатските напори во врска со Украина, патувајќи во Киев заедно со други европски лидери само неколку дена по преземањето на функцијата. Минатата недела, тој го пречека и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин. Мерц му се заблагодари на Трамп за поддршката за безусловно примирје, но ја отфрли идејата за „наметнат мир“ или „потчинување“ на Украина и се заложи за дополнителни санкции против Русија.

Back to top button
Close