Трамп: Верувам дека Ли Харви Освалд го убил Кенеди, но дали имал помош?

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека верува оти атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди во 1963 година го извршил Ли Харви Освалд, но дека не е сигурен дали напаѓачот можеби имал помош.

На прашањето дали верува дека Освалд го убил Кенеди, Трамп потврдно одговори во изјавата за Клеј Тревис, основач на спортската веб-страница Outkick, пренесе „Ројтерс“.

„Да. И јас отсекогаш мислев дека тоа беше, се разбира дека беше тој, но дали имаше помош“, рече Трамп.

Американското Министерство за правда и другите федерални владини тела го потврдија заклучокот дека Освалд бил осамен убиец, но анкетите покажуваат дека голем број Американци сè уште веруваат дека смртта на Кенеди во Далас е резултат на заговор.

По наредба на Трамп, владата оваа недела објави илјадници страници дигитални документи поврзани со атентатот на Кенеди.

Минатата година, за време на изборната кампања, Трамп вети дека ќе обезбеди поголема транспарентност за смртта на Кенеди, а по преземањето на функцијата, тој нареди и презентација на план за објавување записи поврзани со убиствата на братот на Кенеди, Роберт и лидерот за граѓански права Мартин Лутер Кинг помладиот во 1968 година.

Back to top button
Close