Трамп во Давос: Барам итни преговори за купување на Гренланд!
Американскиот претседател Доналд Трамп побара итни разговори за купување на Гренланд, наведувајќи дека територијата се наоѓа на клучна стратешка локација – на половина пат помеѓу САД и Русија и Кина. Сакаме силни, а не слаби сојузници, рече Трамп.

„Сакам итни преговори за купување на Гренланд, исто како што сме купиле многу земји низ историјата… Нема ништо лошо во тоа“, рече Трамп во Давос, каде што се одржува Светскиот економски форум.
Трамп, исто така, рече дека „има големо почитување кон граѓаните на Гренланд и Данска“, но потсети дека таква членка на НАТО мора да може да се одбрани.
Тој потсети дека нацистичка Германија, во Втората светска војна, го скршила отпорот на Данците за само шест часа, по што САД испратиле војници во Гренланд, кои се бореле да го спасат.
„По војната, го вративме на Данска. Беше многу глупаво, но го вративме… Колку се неблагодарни“, рече Трамп, наведувајќи дека Америка лесно можела да ја земе оваа територија со сила.
„Но, ние нема да го сториме тоа. Тоа е можеби најзначајниот дел од мојот говор, бидејќи луѓето мислеа дека ќе употребам сила. Не морам да употребам сила. Нема да употребам сила. Сè што Америка бара е територија наречена Гренланд“, рече Трамп.






