Трамп: Во наредните 10 дена ќе се знае дали ќе има договор меѓу САД и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во наредните 10 дена ќе се знае дали ќе биде постигнат договор меѓу САД и Иран, јави „Тајмс оф Израел“.
Трамп, на инаугуративниот состанок на Одборот за мир, се осврна на американските напади врз иранските нуклеарни постројки минатиот јуни, за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, во која САД му пружија воздушна поддршка на Израел.
– Сега можеби ќе мораме да направиме чекор понатаму, а можеби и нема. Можеби ќе постигнеме договор. Ќе дознаете во наредните, веројатно 10 дена – рече Трамп.
Тој наведе дека Иран не смее да има нуклеарно оружје, бидејќи тоа би го оневозможило мирот на Блискиот Исток, и дека Иран не може „да продолжи да ја загрозува стабилноста на целиот регион“.
– Ако ни се приклучат, тоа ќе биде одлично. Ако не ни се приклучат, и тоа ќе биде одлично. Но, тоа ќе биде сосема поинаков пат – рече Трамп.
Тој додаде дека Иран „мора“ да склучи договор и оти ќе се случат „лоши работи“ доколку не дојде до договор.






