Трампата

Фрагмент од „Една историја покриена со шал“ од Миѓен Келменди

 

Депото на бегот сега беше претворено во една прочуена бакалница каде што можеше да најдеш сè: брашно, ориз, шеќер, сол (ги држеше во вреќи, на кои отворите им ги завртуваше како ракави, а едно парченце хартија, на кое беа напишани името и цената на производот го забиваше со колче во содржината на вреќата): црвен пипер, црн пипер, стипса, ветриол – црна боја, ванила, листови од дафина, цимет, излупени ореви, леблебии, бисквити (со форми на животни), урми, локуми (со и без ореви), бонбони (со вкус на лимон, жолти и со вкус на аптека, што Ариф ги викаше зелени); тутун (го држеше во пакетите од машки кошули, марка “Тарабош“,како и тутун за чалам), цигари (на парче и во пакување), хартија за цигари, чибуци (едноставни, од дрво, ги изработуваше рачно Рам Ујкани и увезени од Иатанбул,од килибар или сребрени); шамии (украсени со кругови и со птици), марами извезени со бисери, женски кошули, невестински кошули, шамии (обрабени и со цветови), к’на (во фишеци), морски школки и монистри, сребрени парички, “parice, ливанто, разни конци за везење, басми, волнени предива, памучни предива, буриња (празни и со сирење), грниња, стомни, тепсии, тенџериџа, бакарни садови, лажици, чивии, жици, дрвени колци за потковици, потковици (бр. 1 до бр. 3), тегови за мерење; петролејски лампи, зејтин (во плетени, неколкулитарски боци*), ималин (во две бои: кафена и црна), конци, бои, хартија, опсидијански огледала, чешли, церемонијални лопатки, жилети, сапун за бричење, сапун за алишта, четки за заби, калодонт, разни фигурини од алабастер, а врз главната тезга, таму каде што беше фиоката со парите, држеше еден модел на глобус. Не му беше за продажба. Му беше “за убавина“. А, за да го започне разговорот со муштериите ( “Вака изгледал Светот?!…кој вели дека е тркалезен?… Божји работи!… но зошто не паѓале луѓето оттука надолу… што ги држи… најди ми го Пеќ… а Ругово кај му доаѓа… колку што јас знам тоа е рамно?… Светот бил преполн вода!… ќе нè земела водата некој ден… детска играчка… колку мала била Албанија… ако ја најдеме потпорната точка можеби ќе ја поместиме од местото!… шега… нема Косово од нас кај да бега!“).

Édouard Boubat (French photographer, 1923 - 1999)  "Rémi Listening to the Sea" 1955 Location: J. Paul Getty Museum, Los Angeles, USA
Édouard Boubat (French photographer, 1923 – 1999) “Rémi Listening to the Sea” 1955 Location: J. Paul Getty Museum, Los Angeles, USA

Заке беше седнала на една столица и јадеше. Во една чинија со чај ги потопуваше бисквитите за да ја подготви попарата. Бисквитите беа со форми на животни, зајак, мечка, елен, овца. Кога ќе наидеше на бисквит со облик на свиња, не го потопуваше во чајот, туку го враќаше во кутијата (во кутијата со бисквитите беа останале главно оние со облик на свиња. Не се продаваа!) Јадеше со полна уста гледаше со завист во останатите слатки. Беше примила еден од оние изрази, кога тајната ни избива и се расплинува, а потоа ни станува сосема сеедно. Беше бремена. Онаа ноќ, откако го испратија Рам Ујкани, ја затворија вратата од дуќанот, го спастрија детето и, токму тука, врз тезгата на дуќанот, ја споделија љубовта и копнежот насобран низ годините. Спиеја со длабок сон како изморени патници, вратени од некое далечно патување.

Во градот влегоа Италијаните. Дента кога промаршираа триумфално низ чаршијата, со пердувите, со елеганцијата на црните кошули и со песна, онака малечки и со долгите fuqile, изгледаа како некое јато црни, кочоперни петли. Италијанската војска, со оние елегантни и убави униформи, што се очекуваше дека ќе ги заживее стравот и инфериорноста, напротив, ја развесели чаршијата. Изгледаа како манекени.

Пеќ се сеќаваше на Италијаните преку трампата. Тие ги трампаа сите работи. Започнаа со падобранците. Ги разменуваа за полжави и за жаби. Момчињата од чаршијата на почетокот си мислеа дека во Италија нема такви суштества. Ги собираа и им ги даваа, за и тие да ги имаат. Меѓутоа, кога разбраа дека тие нив ги јадат, се згрозија. Решија да им се осветат. За време на вообичаената демонстрација на авторитет, поминувајќи низ чаршијата и чекорејќи онака низ песна, момчињата ги пуштија пред нив жабите и полжавите што ги беа уловиле.

Единицата се раздели и се растури низ чаршијата како монистрите од герданот. Војниците го земаа овој гест како шега и започнаа да ги следат жабите со веселоста и со ентузијазмот на момчињата што им ги пуштија. Скокањето на војниците и момчињата по жабите, смеата, бучавата и истоштениот глас на командирот што се обидуваше да ја прекине оваа игра, приклештувањето на едната од жабите врз надојденото тесто за леб во дуќанот на Ѓон Деда, и лутината што ја почувствува Хасан ковачот кога нешто му скокна во жарта на ковачницата па тоа нешто го фати со машата и го потопи во водата што жубореше, за да извади оттаму едно ќумуросано парче од нештото што некогаш беше жаба, Шефкије која се онесвести кога жабата и скокна помеѓу цицките (Шефкије беше едната од оние што ги придружуваа Италијаните и им го покажуваа Пеќ), капите на војниците што им беа испопаѓале по земја и ги газеше развревената толпа што се создаде во чаршијата, сево ова не допушти да се слушне она придушено потпукнување, како нешто да беше згазнало врз крилјата на ангел, придружено потоа од едно “шпуф“, како кога ќе згазнеш на гомно. Беа тоа полжавите под чизмите на војниците.

Со доаѓањето на Италијаните трампата стана основната форма на трговија. Уште повеќе што со оваа форма на трговија се зарази не само Долгата чаршија, туку и целиот Пеќ: пекарот Ѓон Деда го размени дуќанот со шапкарот, касапите се трампаа со книговрзувачите, потковувачите со саатчиите, Шефкет ја размени бозаџилницата со ковачницата на Хасан, коларите започнаа да ги трампаат коњите, свеќарите се трампаа со леблебиџиите, сапунџиите со самарџиите, Виктор и останатите златари се трампаа помеѓу себе, жените започнаа од сукалото за да продолжат потоа со се што имаа по дома, чипки, долапи, тепсии, ручеци и вечери (ги готвеа и така зготвени ги трампаа), невестите го трампаа миразот, маскираните се трампаа со оние што ги дружеа Италијаните, Шукри бег и г-дин Иса си ги разменија куќите, сопственикот на хотелот “Корзо“, А. Мартиновиќ го размени својот со хотелот “Скендер Бег“ (кога беа влегле Италијаните, Зајми го беа купиле од Србите и веднаш му го промениле името), Католичката црква се размени со Чарши џамијата (хармониумот сега се слушаше од џамијата, а музеинот од камбанаријата). “Коло српских сестара“ се размени со Занаетчиското училиште за девојки, “Пеќко певачко друштво“ ги размени гласовите со хорот на Католичката црква, Руговјаните ги трампаа шаловите со црногорските капици на“ соколите“, “Друштво љубитеља природе“ се трампаше со пилата на Рајевиќ, “Друштво трезвености“ се трампаше со кафеаната “ Балкан“, српското маало направи трампа со едно маало во Капешница. Пеќ беше обземен од епидемија на трампање. Целиот беше разместен, излапен и расфрлан. Којзнае каде ќе стигнеше ако не се случеше она што се случи. При една ваква трампа (Италијаните за риби им даваа на момчињата карбид, а одвреме навреме и понекоја бомба за да ги ловат), исчезна една бомба за да му доспее во рацете на едниот од “Тие што не беа тука“ во Пеќ. Не помина долго време – ете го пукотот. “Тие што не беа тука“ го убија италијанскиот генерал. Италијаните, сосема извадени од памет, со упорна неронијанска споулавеност во знак на одмазда, го запалија Пеќ. Само што го видоа огнот, луѓето се освестија од овој урок и оваа магија и им падна на памет дека,

“Ние сме во војна, бре луѓе!“

“Che bell’ fuoco!“

 

Превод: Алида Муча

 

 

Back to top button
Close