Транспортерите на протест побараа од ЕУ итно решавање на проблемот со ограничениот престој во шенген-зоната
Транспортните превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со паркирање дваесетина товарни возила барајќи итно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенген-зоната. Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел, а истовремени протести се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Генералниот секретар на „Макам транс“, Билјана Муратовска, истакна дека и покрај тоа што во јануари од Европската Унија било признаено дека професионалните возачи вршат дејност, веќе седум месеци, вели, ништо не е преземено за надминување на проблемот со правилото 90/180 дена.
– Да го чуваш возачот во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа и за да му провериш дали има или нема надминато денови, е благо речено страшна дискриминација и повреда на човековите права – истакна Муратовска додавајќи дека возачите мора да бидат психички стабилни за да може уредно да учествуваат во сообраќајот.
Со овој проблем директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во земјата, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Поради немањето правна сигурност и разните толкувања на граничните премини од страна на надлежните службеници, дури 50 отсто од возачите во моментот одбиваат да возат.
Транспортерите, како што потенцираат, се клучниот двигател на целата економија и дека без нивниот увоз и извоз не може да се затвори кружниот циклус на капиталот.
– Како фела не сме огромни ниту, пак, им ги загрозуваме работните места во Европа; напротив, ние ја вршиме својата дејност со превоз на лекови, стока и репроматеријали во двете насоки – нагласи Муратовска.
Кога има вонредни ситуации, според Муратовска, мора да постои политичка волја и да се донесе одредено решение како би ги надминале сите проблеми.
– На сите дописи што ги праќаме досега добиваме негативни одговори, така што денеска точно во 13 часот во сите четири главни града на државите од Западен Балкан ќе се поднесе допис во кој бараме Европската Унија, бидејќи се работи за вонредни ситуации, значи застојот, прекинот во снабдувањето на стоката меѓу Европската Унија и нашите држави е вонредна ситуација. Затоа реков во вонредни услови треба вонредни мерки да се донесат и очигледно е дека се работи за политичка одлука дали ќе нѐ пуштат или нема да нѐ пуштат да работиме нормално во Европската Унија – вели Муратовска во изјава за медиумите пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Владата, како што претходно информира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, работи на решавање на прашањето преку склучување нови билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната. Сепак, од „Макам транс“ нагласуваат дека се работи за вонредна ситуација, која бара системска политичка одлука на ниво на целата Европска Унија бидејќи билатералните договори се само форма на лобирање, а, нагласуваат, конечните решенија бараат согласност од сите 30 држави.
Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде обезбедено преодно решение за статусот на возачите, превозниците најавија дека ќе ги радикализираат протестите со блокирање на граничните премини на секоја држава одделно.






