Треба да се работи со забрзана динамика за уставните измени, порача Османи

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека процесот на уставни измени треба да се одвива со забрзана динамика, поради, како што вели, да не се изгуби моментумот во преговорите со ЕУ.

-Треба да се работи во забрзана динамика и не сметам дека треба да се одложат наредните избори, поради две причини – едната причина е заради тоа што ние не смееме да оставиме временски јаз помеѓу завршување на скринингот и отворањето на првото поглавје, бидејќи во ЕУ преговорите најважен е моментумот. Ако го изгубите моментумот тоа најтешко се враќа и политичарите што имаат искуствто во европскиот процес знаат дека моментумот е сега и не смееме да го испуштиме, и втора причина, не сметам дека наредните избори треба да бидат референдум за уставните измени, туку треба да бидат избори за подобар стандард на граѓаните и владеење на правото, рече Османи во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој неодамна рече дека не треба да се брза со уставните измени.

 

Во однос на тоа дали како власт имаат стратегија како ќе го соберат двотретинското мнозинство за уставните измени, тој вели дека со преговорите со ЕУ се добива безбедност, стандард, заштитени идентитетски атрибути и оти тоа граѓаните полека го разбираат и го поддржуваат.

-Тоа е нашата стратегија и мислам дека полека тоа ќе стигне и до пратениците. Мислам дека граѓаните се повеќе разбираат дека пропагандата околу 19 јули беше неоснована. Дека јазикот ќе исчезне, дека се продадени интересите… Се повеќе се сфаќа дека ние добивме почеток на преговори, заштитени идентитески атрибути и уставни измени, кои уште повеќе ќе ги заштитат тие идентитетски атрибути, бидејќи за првпат уставно се дефинираат двете заедници како мнозинска и како малцинска, што е спротивно на позициите на најрадикалните структури во Бугарија, кои се против уставните измени. И затоа, кој е против уставните измени е всушност на линија со најрадикалните структури во Бугарија. Мислам дека времето овозможува овие пораки да стигнат до граѓаните, оцени Османи.

Според него, мора да се направиме општествен договор дека 2030 ќе ни биде годината кога ќе станеме членка на ЕУ. – Ние може да се минираме меѓусебе, но ќе си ја минираме нашата агенда за 2030 година, кажа Османи на брифингот со новинарите во Скопје.

Back to top button
Close