Tренчева Слободанка – Боте: Клубовите ја отсликуваат реалноста која ја живееме. Ако се полни, живи и динамични – на добар пат сме.

Накратко, да ни кажете за платформата „Терапија“, од каде идејата и што е она што првично го правите?

Музичката платформа „Терапија“ ја основав во ек на пандемијата од КОВИД-19. Сакавме да бидеме поддршка за домашните артисти, диџеи… да понудиме простор да продолжат со дејноста, со музиката, почитувајќи ги протоколите. Подоцна, оваа платформа понуди еден нов тип на настани, на уникатни локации, кои се дел и од македонското културно наследство. „Терапија“ прва организираше музички перформанси на „Македониум“ во Крушево, Пошта и Железничка станица во Скопје, Споменикот на слободата во Кочани, во МСУ и сл.

Имавме пандемија, а се уште имаме војна. Светот е променет, но и сите области и сегменти од општеството. Промените се чувствуваат и во музичката индустрија.

Здраво и добро е да се менуваме. Затоа „Терапија“ дава нова вредност на музичките настани, а со тоа и на културата во Македонија и во регионот.

Колку е важна клупската култура за развојот на градската култура во Скопје?

Искрено, не би ги делела, затоа што клупската култура е дел од градската култура… тоа треба да биде така во секоја развиена метропола.

Клупската култура е важна за развојот на Скопје во секоја смисла. Затоа што клубовите се места кои обединуваат голем број на музичари, креативни луѓе, млади и повозрасните, интелектуалци и луѓе од поинакви социјални структури. Во клубовите можете се да видите, од се да научите и тие ја отсликуваат и реалноста која ја живееме. Ако се полни, живи и динамични – значи сме на добар пат. Ако се бездушни и стерилни значи нешто правиме погрешно. И не е секогаш важно да бидат полни до последно место. Многу места и денеска се постојано полни во Скопје, но во смисла на енергија и атмсофера се неверојатно празни. И тажни.

Сведоци сме на постојани полициски контроли, рации периодов по скопските клубови, но и локаци во целина…Каква е безбедноста во скопските клубови и како се контролира истата?

Јас и „Терапија“ апсолутно дека имаме разбирање за различните контроли што се праат. Законското работење никогаш не треба да биде доведено во прашање. Но, тука претпоставувам зборуваме за еден друг момент… Многу е важно, тие контроли или популарни „рации“ да не го угушат ноќниот живот. После истите, да не прекине журката, да не се испразнат клубовите… Затоа што ако овој процес се повторува тогаш сте на одличен пат да го уништите и она малку што е останато од ноќен живот. Сензитивно е ова прашање. Не сум против контрола, но сум против насилен пристап, селективност и покажување сила.

Кога беше подобар ноќниот живот. Пред 15-20 години или денеска?

Оффф, честопати го добивам ова прашање 😊 Видете… секоја генерација си живее за себе и на секоја генерација и е убаво времето во кое живее. И тоа е нормално. Не е благодарно да се рече: „ние живеевме поубаво“. Но, многу често од значително помлади луѓе добивам коментари дека ноќниот живот порано бил подобар од денеска, иако воопшто не го живееле ноќниот живот пред 10, 15 или 20 години. Сѐ е променето. Можам да направам разлика, да набројам и позитивни и негативни работи. Порано бевме поопуштени, поспонтани, повеќе уживавме… Сме организирале навистина квалитетни журки во „Сектор“, „Епицентар“, со светски диџеи. Дел од јавноста се чудела како артисти од рангот на Амели Ленс, Монолок, Ваал, Бјарки настапувале во скопски клубови. Имаше помалку стрес, притисок и поделеност меѓу луѓето. Денеска, како да царуваат други вредности. Не е важно како си поминуваш туку со кого си, каде си, од каде ставаш стори…

Секогаш сум емотивна кога зборувам за периодот кога „Сектор“ и „Епицентар“ беа култни и многу значајни места за градот… Ни недостасуваат такви места, но и таква публика. Залудно е местото, ако ја немате енергијата од луѓето.

Не сакам да бидам носталгична, но еве, за почеток можеме да бидеме поспонтани и поопуштени.

Во подготовки сте на мултимедијалниот настан, кој на 27 мај ќе се одржи во НОБ, под насловот: LET US ENTERTAIN YOU AND EDUCATE YOU. Како ќе не забавувате и едуцирате?

Да, подготвуваме еден динамичен и мултимедијален настан во фоаљето на Националната опера и балет во Скопје. Ова ќе биде еден навистина уникатен настан, исполнет со предавања, перформанси, две ликовни изложби и забава. Рековме дека настаните во светот се променија, па така и во Скопје… На 27 мај во Скопје, ќе зборуваме за правата на ЛГБТ заедницата, за квир и рејв културата, но и за клупската сцена. Доаѓаат артисти и уметници од регионот, а ќе настапат и домашни изведувачи.

Астрит Исмаили, Ивана Драгшиќ, Воин де Воин, Антони Мазневски, Богомир Дорингер, , Олимпија Камчева – Стојческа, Агнес Нокшиќи се дел од учесниците. 

Ќе овозможиме едно регионално поврзување, базирано на вредностите на љубов, толеранција и еднаквост. Среќна сум што имаме комбинација од млади и повозрасни артисти.

Целиот настан ќе биде посебно визуелно искуство и навистина вреди да се дојде.

Сакам да се заблагодарам за поддршката за овој настан, која ја добивме од повеќе општествено-одговорни компании, организаии и поединци: Европската унија / Europe House, „Тиквеш“, URMA, Heineken, GULF, BWI…

За жал, државните институции не изразија волја за поддршка, но со многу работа и посветеност ќе докажеме дека може да организираме светски настан и во Скопје.

 

Што е она што „Терапија“ го подготвува за претстојниот период?

Паралелно подготвуваме и одбележување на 60 години од скопскиот земјотрес. Овој настан ќе го организираме во јули, во Музејот на град Скопје, поранешна Железничка станица… Ќе имаме изложба од домашни уметници, ДЈ перформанси, презентација на вести за постземјотресно Скопје и сл.

Подготвуваме организација и на настани по други градови…

Ќе има многу различни перформанси, ќе продолжиме со поддршка на домашните артисти, уметници, но и на регионалната сцена.

Овие 3-4 години видовме колку е важно меѓусебно да соработуваме, да се поврзуваме и заедно да растеме. Суетите и егата на страна, а посветеноста и креативноста во преден план.

Опиши ни ја клупската сцена, ноќниот живот во Скопје во три зборови, но со три зборови – кажи ни и како треба да биде.

Денеска е тажно, лажно и духовно празно.

Сакам да биде и работиме за: слободно, различно и подинамично!

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close