Тренчевска: Економско-социјалниот совет в понеделник ќе одлучува за висината на минималната плата
Колкав ќе биде новиот износ на минималната плата треба да се знае в понеделник, кога за ова прашање ќе одлучува Економско-социјалниот совет, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Според министерката, новиот износ на минималната плата ќе влезе во пресметките на работодавачите за мартовските плати што ќе треба да им ги исплатат на своите вработени.
„Одлуката за висината на минималната плата се носи токму на Економско-социјалниот совет, потоа се објавува во ‘Службен весник’, за да може работодавачите да ги усогласат платите кои ќе ги исплатат за месец март со одлуката, односно со висината на минималната плата“,
вели во изјава за државната новинска агенција МИА.Економско-социјалниот совет е трипартитно тело, формирано од Владата и социјалните партнери за водење на социјален дијалог заради создавање услови за економска и социјална стабилност.
Потписници на спогодбата за основање на Економско-социјалниот совет се Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи.
Очекувањата, според најавите што дојдоа и од премиерот Димитар Ковачевски, се дека ќе има зголемување на минималната плата, која сега изнесува 18 000 денари.
Ковачевски во своето обраќање на конференцијата „Година на нови можности“ на 30 јануари најави зголемување на минималната плата за околу 2 200 денари.
Како што истакна премиерот тогаш, со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата донесени во 2023 година, наместо сегашните 18 000 денари таа ќе изнесува 20 200 денари.
„Ја зголемивме минималната нето-плата во март 2022 година на 18 000 денари месечно. Тоа е за 3 000 денари повисока минимална плата од претходната година во април, кога изнесуваше 15 000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, кои ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20 200 денари“, рече Ковачевски.
Тој, повикувајќи се на податоци на Државниот завод за статистика, рече дека од ноември минатата година за 4 000 денари е зголемена и просечната нето-плата, која сега изнесува 33 000 денари.
Министерката за труд и социјална политика во изјавата за МИА вели дека се очекува во владина процедура да влезе и новиот Закон за работни односи за кој во тек се средби и дискусии со сите засегнати страни. Досега за овој закон се одржани 10 дебати, информира Тренчевска.
„Продолжуваме понатаму и поединечно со секоја целна група да одржуваме состаноци, за да може да дојдеме до најдоброто решение, што ќе им одговара и на работодавачите и на работниците и некаде во првата половина на годината да можеме да го пуштиме во владина процедура. Штом завршат сите дебати, ќе седне работната група, која е во рамки на Министерството за труд и социјална политика и ќе ги вклучи сите конструктивни предлози добиени од дебатите. Законот ќе го објави на ЕНЕР, така што ќе можат јавноста, синдикатите, работавачите да даваат дополнителни коментари, за пред да отиде на Влада текстот да биде усогласен и да биде прифатлив и за синдикатите и за работодавачите“,
вели Тренчевска.
Новиот закон за работни односи меѓудругото предвидува и измени во породилното отсуство што предизвика особен интерес во јавноста бидејќи се појавија стравувања дека со измените се кратат деветте месеци породилно отсуство.
Од Министерството за труд и социјална политика веднаш излегоа со објаснување дека нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи не предвидува кратење на породилното отсуство туку, според она што е предвидено, досегашниот термин ќе се замени со три нови: мајчинско, татковско и родителско.
Како што објасни Тренчевска во повеќе наврати мајчинското отсуство ќе трае пет месеци, а потоа мајката ја следуваат уште четири месеци родителско отсуство. Таткото ќе има отсуство од 15 дена кои ќе се користат од моментот на раѓање на бебето. Дополнително, таткото, исто како и мајката, ќе има право на четири месеци родителско отсуство. Со тоа двајцата родители би добиле вкупно 13 месеци, но како што рече Тренчевска, родителското отсуство (од по четири месеци) ќе може да го користат како ќе сакаат до двегодишна возраст на детето.