Тренчевска: Интегрирањето на родовата перспектива е наша обврска во процесот на пристапување во ЕУ

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир и претставници од регионот се обратија на регионалниот форум: родова еднаквост во пристапувањето на Европската Унија.

„Интегрирањето на родовата перспектива е наша обврска во процесот на пристапување во ЕУ и во сродните реформски процеси затоа посветуваме особено внимание од сите аспекти. Ова се рефлектира и во Стратегијата за Родова еднаквост 2022-2027  која ја усвои Собранието на Република Северна Македонија како и во Националниот акциски план за родова еднаквост 2022-2024 година. За да можеме да го интегрираме ова прашање потребна е поголема сензитивност како и знаење за родовата еднаквост. Затоа и го воспоставивме Ресурсниот центар за креирање на родови политики и родово одговорно буџетирање. Центарот го отворивме во март 2022 година во рамки на проектот  поддржан од  UN Woman. Ова е прв ваков центар во регионот кој служи за градење на капацитетите на јавната администрација на национално и локално ниво.  Во изминатиот период  спроведени се 32 обука со 420 учесници” истакна Тренчевска.

 

Таа посочи дека еднаквоста на жените и мажите во контекст на општеството во Северна Македонија денес најдобро се изразува преку односот помеѓу политиката или политичкиот естаблишмент, односно како Владата и Собранието се однесуваат на ова прашање. Во таа насока Министерката истакна дека во континуитет Собранието усвојува збир на закони, стратегии и други документи за антидискриминација, со кои се прави исчекор кон исполнување на обврските на државата Северна Македонија преку усогласување на нејзината регулатива со регулативите на ЕУ.

Тренчевска го затвори своето обраќање повикувајќи на кршење на стереотипот дека само жените треба да се едуцираат кога се работи на прашањето за родовата еднаквост правата на жените и на мажите и родово базираното насилство, туку дека сите треба да бидат подеднакво вклучени.

Back to top button
Close